За првпат оваа година во Охрид започна да се одржува Велигденски саем. На саемот учество зедоа повеќе фирми од Охрид, како и општинските основни училишта и факултетот за туризам и угостителство.
Велигденскиот саем се организира во соработка на Локалната самоуправа, ЈП „Градски пазар“ и Црвениот Крст од Охрид и е од хуманитарен карактер.
„Овој Велигденски саем има хуманитарен карактер. Сакаме да дадеме свој придонес за на луѓето од социјално загрозените категории да им помогнеме поубаво да ги прослават велигденските празници. Ние заедно со ЈП „Градски пазар“ и Црвениот крст, оваа година ќе подготвиме 20-тина пакети за социјално загрозените семејства. Практично со ова започнуваме една традиција која ќе биде присутна во Охрид за време на велигденските празници, и ќе има за цел да им помогне на социјално загорзените семејства. Воедно би ја искористил оваа прилика да ги поканам сите хумани луѓе од Охрид, да го посетат саемот и да дадат свој придонес во помагањето на оваа категорија граѓани“, – истакна градоначалникот Бакрачески.
Оваа година саемот е во помал обем, но се планира во текот на годините да зголемува бројот на учесници.
„Саемот ќе трае три дена. Учествуваат основни училишта, Црвениот крст, Факултетот за туризам, Жито леб, цвеќарници и производители на рачни изработки. Наредната година планираме да поканиме многу повеќе производители и излагачи“, – рече директорот на ЈП „Градски пазар“ Тони Коталески.