Костоски: Урбанизација – обвинување кое најчесто беше кажувано и падна во вода, бидејќи ДПМНЕ продолжи по истиот терк

ОК на ВМРО – Народна партија Охрид, денес одржа прес-конференција, на која зборуваше претседателот и носителот на пратеничката листа на ВМРО-НП во 5-та ИЕ, Ванчо Костоски.

Целта на прес-средбата беше како што рече Костоски едно од најчестите обвинувања кои што ВМРО-ДПМНЕ години наназад ги кажувале спрема минатата Локална самоуправа, односно спрема ВМРО-НП и другите опозициони партии. Тој додаде дека од повеќето обвинувања најзначајни биле урбанизацијата на Охрид и големото задолжување на Општина Охрид.

„7 до 8 години ВМРО-ДПМНЕ имаше обвинувања до минатата Локална самоуправа за несразмерната урбанизација на општина Охрид. Меѓутоа со доаѓањето на ДПМНЕ на власт година и пол тука и 8 години од државната власт која што ја практикува во Р.Македонија, гледаме дека и тие продолжија со исто темпо на урбанизација односно наназад неколку месеци донесоа доста планови во централното градско подрачје каде што беа изградени висококатници. Ние како политичка партија кажуваме дека треба Охрид и цела Р.Македонија да се урбанизира бидејќи има уште многу за урбанизација во оваа држава. Тоа е обвинување кое најчесто беше кажувано и падна во вода, бидејќи и тие продолжија по истиот терк, односно ние кажуваме дека нормално е да се урбанизира еден град, бидејќи има доста приградски населби кои немаат детални урбанистички планови, да не зборуваме за селата и населените места кои што ниту едно место во општина Охрид е урбанизирано, а побрзо почна да се урбанизира Дебрца.“ – истакна Костоски.

Другото обвинување рече Костоски е големата задолженост на Општина Охрид од околу 30-тина милиони евра, број кој и ден денес не се знае точно колку е, и после една година на власт.

„Кој е виновен за задолжувањето на државно ниво на Р.Македонија, која што долгот го постигна над 40% од БДП, бидејќи тие најголемите задолжувања на Р.Македонија се направени во последниве 8 години кога ДПМНЕ е на власт. Најмалку 50% од долгот на Општина Охрид спаѓа на изградба на објекти и фирми. Би ги спомнал две години, 4 милиони евра, долгот на Општина Охрид од МЕАП проектот за водоснабдување на општина Охрид и Струга, кој што беше некаде 2000-та година, кога градоначалник беше од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така би го спомнал и големиот проект од изградбата на колекторскиот систем, седумте милиони евра према Гранит. Наместо да пристапи ДПМНЕ кон враќање на овие долгови или кон раздолжување, односно согласно законските прописи, градоначалникот на општината требаше да направи програма за раздолжување.“ – обвини Костоски.

Од ВМРО – Народна партија кажаа дека за два до три месеци, со новата Влада во која ќе учествуваат и тие, ќе се додели грант на Општина Охрид за решавање на инфраструктурните проблеми во општината.

„Уште еднаш го повикувам носителот во петтата изборна единица на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски на ТВ-дуел, па да поразговараме и за овие долгови на Општина Охрид, и за раздолжувањето, како Владата на ДПМНЕ смета да го раздолжи Охрид, да му помогне на Охрид, не само со раздолжување. Би поразговарале колку пати Милошоски го има посетено Охрид во овие осум години, вон партиските активности. Колку пати Милошоски досега, во Собранието на РМ го има спомнато Охрид, сакам да ми покаже на писмено кога и каде и за кој проект кажал два збора од буџетот на Владата на Р.Македонија се заложил да влезат во Охрид. Јас колку што знам, досега една голема нула.“ – заврши Костоски.

WebOhrid