ОК на ВМРО-НП Охрид, денешната прес конференција ја посвети на социјалната правда. На прес средбата зборуваше кандидатот за пратеник во 5-тата ИЕ, Владо Цветкоски, при што истакна дека ВМРО-НП како партија од народот и за народот во својата изборна програма, посебно внимание посветува на социјалната политика.
„Живееме во време кога во Македонија има најголема социјална раслоеност. Од една страна има 2 % екстремно богати олигарси кои располагааат со повеќе од 50 % од националното богаство, а од друга страна има повеќе од 70% од населението кое е сиромашно и се бори за гола егзистенција. Високо образовни луѓе се приморани да работат било какава работа, па и физичка само за да си ги прехранат своите семејства. Доктори, професори, инженери, економисти, правници, доколку имаат среќа да работат, во најголем број на случаи имаат примања кои се помали од потрошувачката кошничка. И згора на тоа како дамаклов меч им висат разни закани за казни и понижувања од нивните претпоставени. Луѓето надредени над нив, кои во најголем број случи со своето знаење и стручност не ги заслужуваат своите функции, се однесуваат како тутори и локални моќници. Резулатат од ваквата погубна владина политика и бесперспективност е масовното иселување на младите од Македонија.“– рече Цветкоски.
За да се надмине ваквата лоша состојба и ваквата неправда, додаде Цветкоски, ВМРО НП во својата пограма предлага неколку мерки.
„1. Пратениците на ВМРО НП во македонскиот парламент ќе се заложат социјалната парична помош за двочлено семејство да биде во висина на минималната плата односно за секој челен од потесното семејство да изнесува 4000 денари.
2. Пратениците на ВМРО НП ќе иницираат донесување на Закон за социјална заштита од енергетска сиромаштија со кој корисниците на постојана социјална парична помош ќе добиваат по 1600 денари месечно.
3. Пратениците на ВМРО НП ќе иницираат донесување Закон за социјална заштита од комунална сиромаштија со кој корисниците на постојана социјална парична помош ќе добиваат по 1000 денари месечно за подмирување на обврските за вода, канализација, ѓубретарина и др комунални давачки.
4. Пратениците на ВМРО НП ќе иницираат донесување на Социјален закон со кој семејствата кои користат постојана социјална помош ќе бидат ослободени од плаќање кирија во социјалните станови и од радио дифузната такса.
5. ВМРО НП ќе се заложи студентите кои потекнуваат од социјални семејства да не плаќат партиципација за студирање.
6. Пратениците на ВМРО НП ќе иницираат донесување Закон со со кој целосно ќе се реши проблемот со стечајните работници. Со овој Закон ќе се обезбеди паричен надомест, во висина од минималната плата во стопанството, на сите граѓани кои останале без работа без своја вина, поради приватизација на претпријатијата со општествена или државна сопственсот, а имаат 15 години работен стаж.
7. Пратениците на ВМРО НП ќе иницираат зголемување на детскиот додаток и посебниот додаток за дете за 10% секоја година.
8. Пратениците на ВМРО НП ќе се заложат за воведување на задолжителна квота за вработување на лицата со посебни потреби во државната и јавната администрација, но и во јавните претпријатија.
9. Пратениците на ВМРО НП ќе превземаат активни политики за родова рамноправност. Една мерка ќе биде со Закон да се регулира подеднакво да се вработуваат лица од двата пола во државната, јавната администрација и во јавните претпријатија.
10. Пратениците на ВМРО НП ќе се заложат да може да се оди во пензија по еден од двата основаи: (1) пензионирање според возраст од 62 години за жени и 64 години за мажи и (2) пензиониање со работен стаж од 35 години за жени и 40 години за мажи.
11. Пратениците на ВМРО НП во македонскиот парламент ќе се заложат за државна социјална пензија кој треба да биде 50% од просечната старосна пензија. Таа пензија ќе биде на лицата што нема да извршат докуп на стаж и не се корисници на каква била парична помош од државата.“– потенцираше Цветкоски.
Според Цветкоски, социјалната правда е една од можностите со кои ќе се успее младите луѓе и младите семејства да се задржат во Македонија.
„Социјалната правда треба да создаде предуслови и доволно простор и време за социјалните категории да живеат еден нормален достоинствен живот. Социјалната правда е можност на граѓаните на Република Македонија да им се врати достоинството и конечно да се чувствуваат како рамноправни граѓани во државава. Националното богатсво е сопственост на сите граѓани на Република Македонија. Мора да постои рамномерна поделба на тоа богатство. Некои ќе прашаат од каде пари за реализација на една ваква социјална политика. Одговорот е едноставен. Да се укуне рамниот данок. Да се воведе прогресивен данок каде побогатите ќе плаќаат повеќе, помалу богатите помалку данок, а сиромашните, воопшто, да не плаќаат. Да се воведе даночна политика при која богатите ќе плаќаат данок до 50 % од своето богатство. Само тогаш ќе може да се каже дека Република Македонија е социјална држава. Влезот на Македонија во Европската унија ќе значи гаранција дека Македонија ќе биде социјална држава, дека во Македонија ќе владее социјална правда. Тоа треба да биде причина плус граѓаните во Република Македонија својот глас да го дадат за ВМРО НП , и причина плус да го заокружат бројот 10.“– заврши Цветкоски.
WebOhrid