Носителот на листата на пратеници за Коалицијата ГРОМ во ИЕ5, Љупчо Настоски, денес одржа прес конференција, на која што напомна дека ГРОМ е политичка партија која има за цел во фокусот да го стави граѓанинот и неговите потреби.
„ГРОМ ќе настојува гласот на граѓанинот да биде во прв план и да биде во основата на секое политичко дејствување. А за остварување на оваа клучна цел неопходни се вредностите кои ги потенцира ГРОМ: Слободен живот во сегашноста, Активни и вклучени граѓани, Заедништво, Одговорност и отчетност, Соживот со сите граѓани од секоја етничка заедница и култура, Претприемништво, Еднакви можности и Личен развој.“– рече Настоски.
Како што истакна Настоски, ГРОМ издвои четири предизвици со кои ќе мора да се соочиме во најскоро време, а тоа како што додаде тој, се граѓанинот и неговите индивидуални слободи и права да се ослободат од стегите на партиските интереси, граѓаните на Република Македонија да станат двигатели на растот и развојот на државата, власта да го користи потенцијалот на своите граѓани за остварување на иновативните идеи за зголемување на размената на државата во регионот, Европа и светот и Македонија да биде земја во која нејзините граѓани остануваат, наместо да заминуваат.
„Ние имаме визија за Македонија во 21-от век. Ние ја гледаме нашата татковина како земја во која слободата, достоинството и благосостојбата ќе важат за сите граѓани, а не само за една мала група поединци. Држава која обезбедува еднакви шанси, можности, слобода и развој на различните културни идентитети. Држава која е интегрирана во регионалните, европските и глобалните меѓународни односи. Во таква држава со изградени и силни институции, јасни политики и средени внатрешни односи, сите граѓани ќе имаат можност да ја обезбедат својата иднина. ГРОМ ќе се бори за национална економија која ќе креира работни места и можности за европска перспектива, и каде ќе работат граѓаните, а не власта. Приоритет на ГРОМ ќе биде и децентрализација на моќта во политичка, економска и регионална смисла, преку заедничка визија која ја споделуваат најголемиот број граѓани. Проекти ќе се реализираат во соработка со граѓаните, и исклучиво преку активно учество на граѓаните, особено со младата популација и ќе се опфати секоја сфера на општественото живеење.“- рече Настоски.
Настоски на прес средбата ги посочи кои се стратегиските цели на ГРОМ за периодот од 2014 до 2018.
„БДП по жител на ниво од 43% од европскиот просек или 5000 евра, Вкупна надворешна трговска размена на РМ од 15,5 милијарди евра годишно, Надворешно-трговски дефицит од 17%, БДП по вработен од 35 000 евра, Трговска размена со земјите од југоисточна Европа од 2,7 милијарди евра годишно, Бруто-инвестиции од 2,2 милијарди евра годишно, Нето формирани нови претпријатија и тоа годишно 9700 , Извоз по жител во износ од 3300 евра, Зголемување на учеството на индустријата во БДП за 10 индексни поени, Зголемување на извозот на земјоделството за 40%, 204.000 високо квалификувани работници во вкупната работна сила, 43,6% стапка на вработеност на младите од 15-29 години.“- потенцира Настоски.
Сето ова што денеска го кажа Настоски на прес конференција, е само еден дел од програмата на ГРОМ, која што екипи од партијата на терен постојано ја презентираат на граѓаните. Тој се надева дека граѓаните ќе знаат да ги препознаат новитетите кои ги нуди оваа партија на политичката сцена.
WebOhrid