Кузески: За ДПМНЕ најбитно е да се објават конкурси и да се прими медицински персонал пред избори

Охриѓани цели три години, во периодот 2010 – 2013 година, исклучиво по вина на одговорните лица од ДПМНЕ, останаа без општата болница. Цели три години пациентите во Охрид останаа без основните болнички услуги во секундарната здравствена заштита, обвини на денешната прес конференција портпаролот на ОО на СДСМ Охрид, Алекснадар Кузески.

„Цели три години нашите сограѓани доживуваа вистинска голгота, кога беа принудени да ги посетуваат гинекологија, хирургија, анестезија, урологија, оториноларингологија и другите одделенија во струшката болница. И по сета таа голгота што ја доживеаја пациентите од Охрид, повторно промашување – се почувствува голем недостиг од лекари и останат медицински персонал. Здравствените работници гинеа од работа, само поради несовесното и нестручното планирање и димензионирање на кадровските ресурси на болницата. При хитен случај, операција или интервенција, се чекаше анестезиолог да дојде од Струга, или медицинска сестра да пристигне од друго одделение, или пациентот се испраќаше сам да си ги земе анализите од крвната слика. Здравјето на секој човек му е најбитно, без оглед на неговата партиска определба, но за ДПМНЕ најбитно е да се објават конкурси и да се прими медицински персонал пред избори. Да се постават послушни партиски војници на раководни и истурени места во болницата, без оглед на нивната стручност, вештина и авторитет.“- истакна Кузески.

Кузески додаде дека болничките установи биле претворени во месни комитети, каде што директорот, заменик директорот или финансискиот раководител формирале штаб, издавале налози за партиски активности и, преку раководителите на одделенија и главните сестри, секојдневно спроведувале мобинг врз вработените.

„Неверојатно голем партиски притисок се врши врз сите здравствени работници и врз администрацијата, посебно врз неодамна вработените, помладите и волонтерите. Од нив и понатаму се бараат списоци со гласачи и нивните телефонски броеви. Никогаш, значи никогаш здравствените работници не били толку понижени, омаловажени и малтретирани. Од друга страна, надлежните лица во сферата на здравството од ДПМНЕ никако да ги објаснат многу сомнителните и чудни работи што се случуваат во последно време по останатите здравствени установи.“- рече Кузески.

Затоа како што рече Кузеки, јавноста бара јасни и прецизни одговори за следните прашања:

„Болницата „Св. Еразмо“ или Костозглобна беше спомната како една од болниците што требаше да изврши набавка на апаратура од Визарис, а до ден денес здравствените работници таму не добија одговор дали е извршено авансно плаќање, затоа што апаратурата се’ уште ја нема;

– Дали најавуваната реконструкција на оваа болница и најавеното преселување на интервентниот дел од Кардиолошкиот завод таму, ќе доведе до уништување и пустење на уште една елитна здравствена установа, и создавање на уште едно сениште по примерот на Специјалната детска болница;

– Дали намерата да се исели, распарчи и растури Кардиолошкиот завод всушност не претставува партиски финансиски дил, за да може приватна здравствена установа, многу блиска до власта на ДПМНЕ, да си го лапне на готово за ич пари делот за рехабилитација на пациентите;

– Дали сеуште постои и се спроведува приватно нелегално издавање на санитарни книшки за пари;

– Кога ќе почнат да се реализираат инвестициите од 60 милиони денари за медицинска опрема и мебел во здравствените установи, што помпезно беа најавувани во изборната програма на ДПМНЕ за минатите локални избори;

– Ако навистина толку се мислело на пациентите од Охрид и на охридската општа болница, тогаш зошто кога се вработуваа нови лекари, се примаа само општи лекари, исклучиво по партиски клуч?! Зошто се примаа само општи лекари – синови и ќерки на партиски активисти на ДПМНЕ од лекарската фела, наместо да бидат примени луѓе кои веќе беа на специјализација?! На тој начин за нецела година или максимум една година веќе ќе беа специјалисти, со што кадровските проблеми и недостатоци веќе ќе беа решени.“- заврши Кузески.

WebOhrid