Општина Охрид денес на прес конференција регираше дека во текот на вчерашниот ден одредeни политички партии ги искористиле прес конференциите за да изнесат неточни ставови и неостватрливи идеи, кои се однесуваат на работењето на општина Охрид, а посебно реагираше за вчерашниот прес на ОК на ВМРО-НП. На прес средбата зборуваше портпаролот на општината, Томе Џамтоски.
„Ние сме потополно свесни дека политичките партии се во изборна кампања и знаеме дека некои од нив ги користат сите средства за да се додворат до граѓаните за освојување на нивните гласови. За партиските стратегии и програми ниту можеме ниту смееме да се произнесеме, но преку одредени работи како Општина која ги брани интересите на сите граѓани не можеме да прејдеме и да ги премолчиме. Вчерашниот ден одредени политички партии го искористија за одржување на прес конференции на кои беа изнесени произволни и неточни ставови и неостварливи идеи кои се однесуваат на работењето на Општина Охрид. Посебно тоа се однесува на прес конференцијата на ВМРО НП, на која само за тоа да им се допаднат на граѓаните, паушално и неаргументирано изнесени беа низа идеи кои немаат никаква реална основа. Се прашуваме како од ВМРО НП мислат да доделат грант од 4 милиони евра?! Зошто токму четири и каде тие пари така лесно се добиваат? Дали мислат дека со идејата за компензација ќе го вратат старото време,кога како партиципиенти во локалната власт го задолжија Охрид со над 33 милиони евра, токму со таквите матни компензации и цесии! Но, и да е така како што велат од ВМРО НП – а, не е, повторно нема ниту одблизу да биде намален долгот на општината како што тие замислуваат.
Што се однесува на сегашното работење на општината во однос на урбанизмот и носењето на Деталните Урбанистички Планови, можеме само да истакнеме дека процедурата која сега се спроведува далеку ги надминува перфомансите во работењето во однос на минатиот период. Деталните Урбанистички Планови се носат во многу потранспарентен процес и според предвидената програма и динамика.“ – истакна Џамтоски.