Новиот начин на функционирање на Фондот со електронските услуги наидува на огромно задоволство кај фирмите кои веќе нема потреба да доаѓаат во подрачната служба во Битола за пријави и одјави на осигуреници. Досега 40% од фирмите се вклопиле во електронскиот начин на работење, а дури 85% од осигурениците си ги подигнале и ги користат своите електронски здравствени картички. Ова го истакна Маја Парнарџиева-Змејкова, директор на Фондот за здравствено осигурување при денешната посета на Подрачната служба на ФЗОМ во Битола.
Во рамките на својата посета на овој регион, директорката на ФЗОМ учествуваше и на седмата едукативна работилница на пензионерите организирана во Битола заедно со Сојузот на пензионерите на Битола и со Црвениот крст.
Во клубот на пензионерите во Охрид, директорката на ФЗОМ, Маја Паранарџиева-Змејкова одржа работилница наменета за едукација на пензионерите, во однос на нивните права од здравствено осигурување, како и запознавањето со определени здравствени програми кои ги финансира ФЗОМ.
Во Демир Хисар имаше работен состанок со вработените во подрачната служба на ФЗОМ, каде од прва рака доби информации за тоа дека и во овој град се подигнати и се користат над 85% од електронските здравстсвени картички, а стана збор и за тоа колку граѓаните се задоволни од достапноста на услугите на ФЗОМ.
Едукативните работилници, согласно претходно утврдена агенда, Фондот ги организира во соработка со Сојузот на здруженија на пензионери и со Црвениот крст на Македонија.