Советничката група на СДСМ Дебрца, денес испрати соопштение до медиумите, во кое стои:
„На вчерашната седница на Советот на општината Дебрца од страна на советничката група на СДСМ беше предложена одлука за изменување на одлуката за издавање согласност за формирање паралелки со помалку од 24 ученици во основното училиште “Дебрца” – Белчишта за учебната 2015/2016 година, со која се предлага враќање на укинатите паралелки од подрачното училиште во село Велмеј, кое нешто е барање и на жителите на село Велмеј.
Предлогот беше поддржан од советничката група на СДСМ и независниот советник, но не го доби потребното мнозинство да биде ставен на дневен ред, бидејќи не беше поддржан од советничката група на ВМРО ДПМНЕ.
Подрачното училиште во село Велмеј е укинато спротивно на одредбите од Законот за основното образование. Имено, согласно член 23 став 3 од Законот за основното образование постапката за престанување со работа на подрачното основно училиште ја покренува и води основачот, по претходна согласност од министерот. Општината како основач на подрачното училиште нема добиено претходна согласност од министерот, а кое нешто е видно и од одговорот што жителите на село Велмеј го добиле од министерот за образование и наука, по нивното барање доставено до Министерството за образование и наука, во септември 2015 година.
Со оглед на тоа да при донесувањето на одлуката за укинување на подрачното училиште не е почитувана законската постапка, советничката група на СДСМ безрезервно ја поддржува иницијативата на жителите на село Велмеј и на наредните седници на советот на општината повторно ќе побара враќање на деветолетката во село Велмеј.
Воедно, го повикуваме градоначалникот на општината вистински да опстане на она што го изјавуваше за медиумите дека тој се залага секое дете да учи во своето село, а сега да молчи за иницијативата на жителите на село Велмеј и неговите зборови да бидат само гола фразеологија.“- стои во соопштението.