Кузески: Охриѓани, колку и да се потценувани од страна на ДПМНЕ, сепак знаат да ги ценат вистинските вредности и вистинските квалитети

Минатата седмица сите бевме сведоци на уште една груба злоупотреба и партизирање на охридското задравство од страна на ДПМНЕ, обвини на денешната прес конференција портпаролот на СДСМ Охрид, Александар Кзуески.

Како што рече Кузески, и општата болница и Специјалната болница „Св. Еразмо“ уште еднаш биле искористени за лично и политичко профитерство и кариеризам од поедини здравствени работници од владеачката партија, кои „сосема случајно“ се и кандидати за пратеници од ДПМНЕ.

„Дури, вториот пат нивниот настап пред медиумите беше „стручно појачан“ и од страна на самиот градоначалник, како и од раководните здравствени работници од редовите на ДПМНЕ. Просто човек да не верува како е можно сериозни политичари и еминентни лекари и специјалисти да се однесуваат како болниците да се нивна „дедојна“, нивна приватна своина или нивни приватни објекти. И општата болница, и болницата за ортопедија и трауматологија, и здравствениот дом, и центарот за јавно здравје – ниту се приватни здравствени установи, ниту се приватни објекти на директорите и лекарите, ниту се приватна партиска своина на ДПМНЕ. Тоа се објекти од јавен карактер, од посебно општествено значење, кои подеднакво им припаѓаат на сите граѓани, на сите лекари, на сите здравствени работници и на сите пациенти. Тоа се објекти што државата ги изградила и опремила со народни пари и крајно лицемерно е заслугите за нивното функционирање да си ги препишуваат за себе само неколку самоповикани и самопрогласени партиски лидери на охридското здравство.“- истакна Кузески.

Уште поголема хипокризија и крајно неколегијално однесување, рече Кузески бил понижувачкиот однос кон сопствените колеги – здравствените работници во болниците, како главни носители на здравствениот процес во општината, кои со ниту еден збор не биле барем ни спомнати на одржаните партиски прес конференции.

„Лицитацијата со цифрите за потрошените средства во охридското здравство ги премина сите граници на професионално однесување. Прво на јавноста и беше речено дека инвестицијата за општата болница чинела 4,3 милиони евра, за од менаџерите на истата таа болница сега да слушнеме дека биле потрошени 7 милиони евра. Затоа прашуваме, кога менаџерите на болницата ја зборуваа вистината – минатата година пред локалните избори или сега пред парламентарните избори?! Со народни пари, со туѓи пари, многу лесно е некој да се фали дека ги потрошил за инвестиции, од кои нема реално покритие ниту за половината. Затоа, како од „експерти“ за давање отчети, охридската јавност очекува отчет – во чии џебови завршија парите што беа потрошени за наводните инвестиции во охридската општа болница?! И овојпат лекарите – политички кариеристи од ДПМНЕ – не ја пропуштија историската шанса да не‘ потсетат дека болницата добила компјутерски томограф.“– рече Кузески.

Кузески додаде дека тоа е информација за поздравување и СДСМ од Охрид изразува нескриено и искрено задоволство од таквата инвестиција, затоа што е тоа во интерес на охридските пациенти.

„Но, само за потсетување, на 02.06.2011 година, значи на 3 дена пред предвремените парламентарни избори пред 3 години, тогашниот и сегашниот носител на листата за 5-тата изборна единица дојде во Охрид, пресече лента и го стави во употреба компјутеризираниот томограф во општата болница. Значи, и тогаш – пред 3 години, и сега, компјутерскиот томограф беше и сеуште е главен адут за добивање на гласови на изборите. Вистинското прашање што овде се поставува е следно – како е можно сериозни лекари и сериозни политичари да се фалат со скапа медицинска апаратура, која е купена со народни пари?! Преку 800 илјди евра не се платени од приватни џебови, од донација, од наследство или од бинго. Компјутерскиот томограф е платен и преплатен со парите од народот, со парите од здравствените осигуреници и никој нема право, а најмалку лекарите – политички кариеристи од ДПМНЕ, да си ги препишуваат заслугите за себе.“- потсети Кузески.

Од ОО на СДСМ Охрид ги  повикуваат лекарите – менаџери од ДПМНЕ, да им одговорат конкретно на следните прашања:        

„Која нова метода е рутински имплементирана во новата Општа болница по водството на „експертскиот“ менаџмент од ДПМНЕ – значи рутински, без визитинг професори и слични оперативни комбинаторики?!

 – Колку специјалисти радиолози работеа на фамозниот компјутерски томограф кога беше свечено отворен на три дена пред минатите вонредни парламентарни избори во 2011 год. и колку специјалисти радиолози работаат денес, три години подоцна?!

 – Кое е Вашето помпезно најавено и ветено кадровско екипирање во врска со работата на компјутерската томографија, освен што успеавте да ја сместите на радиологија снаата на Вашата финансиска директорка, односно внуката на поранешниот директор на болницата, како истакната партиска активистка на ДПМНЕ?!Толку за наводните успеси и постигнувања во сферата на охридското здравство од страна на екарите – менаџери – политички кариеристи од ДПМНЕ. Охриѓани, колку и да се потценувани од страна на ДПМНЕ, сепак знаат да ги ценат вистинските вредности и вистинските квалитети.“– заврши Кузески.

WebOhrid