Робески: Нашата кампања има една единствен цел – граѓаните да ја слушнат нашата понуда и самите да го препознаат бенефитот

Граѓанската опција за Македонија досега покажа и докажа дека може да води чиста кампања без споредување со останатите политички конкуренти и без непотребно нивно именување, рече на денешаната прес конференција портпаролот на ГРОМ-Охрид и кандидат за пратеник на коалицијата ГРОМ во ИЕ5, Сашо Робески.

„Нашата  кампања има една единствен цел – граѓаните да ја слушнат нашата понуда и самите да го препознаат бенефитот кој таа може да го донесе доколку добиеме можност да ја реализираме. Затоа ние само ќе ги посочиме крупните проблеми кои се бариера за успешен напредок на нашата земја и ќе понудиме конкретни и остварливи решенија.  Корупцијата е еден од нив. ГРОМ јасно и недвосмислено ќе се бори за спречување на корупцијата, бидејќи тоа е една од основните пречки во општествениот и економски развој на земјата.“- истакна Робески.

На прес средбата, Робески ги презентираше мерките кои ГРОМ ги предвидува за спречување на корупцијата, а тоа се: Изградба на систем заснован врз детални и систематски анализи за корупцијата во сите општествени подрачја, Отстранување на административните процедури или бариери кои создаваат услови за корупција, Јакнење на механизмите за отчетност при трошење на јавните финансии, Зајакнување на улогата на Комисијата за спречување на корупцијата преку јасни и високи критериуми за избор на  членови на комисијата.

„ГРОМ инсистира на уредување на финансирањето на политичките партии. Скапите телевизиски кампањи значајно ги зголемуваат финансиските потреби на партиите кои не можат да бидат задоволени на легитимен начин од спонзорите. Затоа предлагаме ограничување на кампањите и зголемување на финансирањето на политичките партии од државата за да се искорени зависноста од „црни“ фондови. Уште една болна тема која последниве неколку години ги полни домашните, но и светските медиуми е екологијата и заштитата на животната средина. Нашите аспирации кон европското интегрирање мора да ги поткрепиме со сериозен пристап кон оваа тема. А ние како партија која има цврсти намери да се вклучи во тој процес инсистираме на градење јавна свест за важноста на екологијата и заштитата на животната средина бидејќи тоа е еден од најнеопходните ресурси за социоекономски развој. ГРОМ ќе се залага за: Зголемување на транспарентноста на загадувањето на животната средина, Подобрување на управувањето со цврст и течен отпад, заштита на природата, Подигање на нивото на транспарентност за загадувањето на животната средина, Поставување голем број еколошки семафори, информирање на јавноста и преземање конкретни мерки при надминување на максимално дозволените количества, Поддршка на истражувањата за степенот на загаденоста на животната средина во Македонија.“– истакна Робески.

Робески додаде дека нивна цел ќе биде природата во Македонија да биде заштитена.

„Да се воведат наставни програми по запознавање на природата и по биологија, да се предвидат содржини за јакнење на еколошката свест кај најмладите. Да го претвориме ова богатство од национални паркови, природни резервати и парк-шуми во вистински места за уживање на љубителите на природата. Да ги заштитиме сите ендемични, растителни, животински и габни видови. Нашата држава да се постави многу поригорозно кон индустриските капацитети кои ја загадуваат животната средина. А средствата од еколошките казни да се реинвестираат исклучиво во еколошки проекти. ГРОМ има уште повеќе идеи од овие кои досега ги наведов. Имаме идеи и решенија за голем дел од бариерите кои ја спречуваат нашата земја континуирано и здраво да се развива.  Ние ќе знаеме да ги оствариме во пракса доколку ја добиеме довербата на граѓаните во недела!“– заврши Робески.