Настоски: Ние сме храбри и подготвени да го исполниме она што ќе го ветиме

Јас сум  стар Охриѓанец и целиот мој живот не помислив да се одделам од  македонскиот Ерусалим и југозападниот дел од Македонија.  Моите сограѓани многу добро ме знаат и веќе во два наврати досега ја добивав нивната доверба и си помагаме и се почитуваме. Но еве сега, Граѓанската опција за Македонија ме донесе пред еден пресврт во мојот живот. За прв пат излегувам надвор од мојот град  во поширокиот регион пред сите граѓани од 5-ката, од Битола-градот на конзулите, од Струга-градот на поезијата, од Кичево, од Ресен, од Дебар и од сите останати општини и заедно со моите соработници секојдневно работам да ја добијам и нивната доверба, истакна на денешната прес конференција носителот на листата на пратеници за Коалицијата ГРОМ во ИЕ5, Љупчо Настоски.

„Се решив на овој храбар потег затоа што ние од ГРОМ сме познати по храброста, по искреноста и по чистите намери. Чест ми е и со полно срце се осмелувам да ве повикам да ја осознаете и препознаете и да се вклучите во оваа  голема граѓанска идеја и визија, која за прв пат во Македонија ја донесе ГРОМ. Јас, како носител во Изборна единица 5, презедов обврска на граѓаните од овој регион да им бидам максимално достапен и отворен за соработка на секое поле кое предвидува просперитет и успех. Мојата блискост со граѓаните и секојдневната блиска и отворена комуникација со нив ми овозможија да ги спознаам и почувствувам проблемите на граѓаните од овој регион. Нашите заеднички маки се невработеноста, сиромаштијата.“– рече Настоски.

Храброста, решителноста и истрајноста се мото на Коалицијта ГРОМ.

„Ние сме храбри и подготвени да го исполниме она што ќе го ветиме. А вашата храброст да го дадете вашиот глас за нас, нам ни дава уште поголем поттик да се бориме вашите идеи да станат реалност.“- додаде Настоски.

Настоски ги повика граѓаните,  на 27 април смело и без дилеми да излезат и да го заокружат бројот осум за коалицијата ГРОМ.

WebOhrid