Состојба на избирачките места според МОСТ

Граѓанската асоцијација МОСТ денешното гласање го следи со 1.712 набљудувачи, кои ќе покријат 50% од избирачките места на територијата на Р. Македонија, односно 50% од гласачките места во рамките на секоја општина.

Според потврдените информации, дојавени од набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ, досега се забележани следните неправилности на гласачките места:

– Пред Домот на културата во општина Кичево, во кој се сместени ГМ 0723 и 0727, како и пред ГМ 0724, 0725 и 0747 имало истакнато пропаганден материјал. Пропаганден материјал е забележан и пред ГМ 1687 во општина Свети Николе.

– На ГМ 0894 во општина Кочани е најдено гласачко ливче од ГМ 0893 во кочанот со гласачки ливчиња. Гласањето било прекинато и била повикана општинската изборна комисија по што ливчето било поништено. Гласањето продолжило во 08:27.

– На ГМ 2358 во општина Студеничани имало едно гласачко ливче повеќе во кочанот. Истото било фотографирано и однесено во ОИК. Гласачкото ливче било намеменето за ГМ 2357, односно било дупликат и го имало и на ГМ 2357.

– На ГМ 1782 во општина Ново Село забележани се 5 случаи на семејно гласање, при што гласале 10 лица.

– На ГМ 0103 во општина Битола, набљудувач од организацијата Излези и гласај се претставил како набљудувач на МОСТ. Со оглед на фактот дека МОСТ има свој набљудувач на тоа избирачко место, по неговата реакција ИО го завел ова во записникот од ГМ.

– Пред ГМ 1847/1, 1848, 1848/1, 1851, 1853, 1854, 1856, 1857, 1865, 1867 и 1869  во општина Струга забележани се лица со списоци на гласачи кои ги евидентираат гласачите кои влегуваат на гласачките места.

– На ГМ 0154 во општина Битола,  ГМ 0288 во општина Валандово, ГМ 0947 во општина Крива Паланка забележано е читање на глас на имињата на гласачите. На ГМ 0918 покрај тоа што се читаат на глас имињата на гласачите, ИО исто така не проверува дали е обележан палецот на гласачите.

– На ГМ 1539/1 во општина Пробиштип забележано е фотографирање на 2 гласачки ливчиња. ИО реагирал, го завел настанот во записник и фотографиите биле избришани. Гласачките ливчиња биле ставени во гласачката кутија.

– На ГМ 2425/1 во општина Кисела Вода еден гласач го фотографирал гласачкото ливче. Била повикана полиција по што гласачот го напуштил ГМ заедно со полицијата.

– На ГМ 1583, 1583/1 и 1584 во општина Радовиш едно лице им помага при гласањето на повеќе избирачи, а исто така се забележани и десет случаи на семејно гласање.

– На ГМ 1022 во општина Куманово забележани се 3 случаи на семејно гласање, при што гласале 6 лица.

– На ГМ 0047 и ГМ 0067 во општина Битола, ИО не ги информира гласачите дека може да изберат на кои избори сакаат да гласаат, туку веднаш им ги издава двете гласачки ливчиња. Дополнително, на ГМ 0067 ИО ги чита имињата на гласачите.

– На ГМ 0396 во општина Гостивар член на ИО од друго избирачко место стоел позади параванот при гласањето на 6 лица и гласал наместо нив.

– На ГМ 0398 во општина Гостивар членовите на ИО и останатите присутни на гласачкото место не носат беџови.

– На следните гласачки места е забележано групно/семејно гласање: ГМ 0277/1 во општина Пласница – 3 случаи на групно гласање, при што гласале 11 лица, ГМ 0279/1, исто така во општина Пласница, 3 случаи со 7 гласа, при што во едниот случај бил присутен претставник на подносител на кандидатска листа. Понатаму, ГМ 0393 во општина Гостивар 9 случаи и 18 гласа, ГМ 0424, исто така во општина Гостивар, 9 случаи и 21 глас, ГМ 2036 во општина Брвеница 6 случаи и 24 гласа, ГМ 1949 во општина Тетово 5 случаи со 12 гласа, ГМ 1991/1 исто така во општина Тетово, 3 случаи со 16 гласа, ГМ 0207 во општина Битола 7 случаи со 16 гласа, ГМ 0882 во Чешиново-Облешево 6 случаи со 13 гласа, ГМ 0900 во општина Кочани 4 случаи со 8 гласа.

– На самиот влез од месната заедница „Тодор Ангелевски“ во општина Битола во која се сместени ГМ 0047 и 0048 има лица кои ги евидентираат гласачите.

– Читање на глас на имињата на гласачите е забележано на ГМ 0376 во општина Богданци и на ГМ 2948 и 2951 во општина Бутел.

– На ГМ 2952 исто така во општина Бутел забележани се повеќе нерегуларности и тоа: 18 случаи на групно гласање при што гласале 42 лица, 1 лице им помогнало на 10 гласачи кои не можеле да гласаат сами и 3 гласачи не биле обележани со видливото мастило.

– Пред ОУ „Гоце Делчев“ во Кавадарци во кое се сместени гласачките места 666, 673, 673/1, 674 и 674/1 има група од 7-8 неовластени лица кои вршат агитација и ги евидентираат гласачите. Пред гласачките места 0659, 0663, 0664, 0691 и 0692, исто така во општина Кавадарци, забележани се партиски активисти кои ги евидентираат гласачите.

– На ГМ 0541 во општина Дебар недостасувала една страница од изводот во Избирачкиот список. Гласањето се одвивало без прекин. За ова била известена ОИК по што страницата која недостасувала била доставена на ГМ од страна на ОИК.

– На ГМ 0027, 0031, 0035, 0037, 0048, 0054, 0154 и 0161 во општина Битола, ИО издава по 2 гласачки ливчиња без да ги праша гласачите дали сакаат да гласаат за двата изборни процеси.

Според податоците добиени од ПВТ програмата (паралелно пребројување на гласовите), која претставува математичко-статистички научен метод, одѕивот на гласачите на претседателските избори до 11 часот е 15,35%, до 12 часот е 21,56%, додека до 13 часот е 27,69%.

Во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, ќе биде отворена бесплатната телефонска линија 080 080 080. Доколку граѓаните не се сигурни каде можат да го остварат своето право на глас, со внесување на своите податоци можат да проверат на интернет страната izbirackispisok.gov.mk.

Проектот „Домашно набљудување на Претседателските и Предвремените парламентарни избори 2014“ е реализиран од страна на Граѓанска асоцијација МОСТ и е поддржан од страна на Амбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Швајцарската агенција за меѓународен развој и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград, Србија.