Симпозиум за Првата светска војна на Конгресот на кинотеки и филмски архиви

Аудиовизуелното наследство е впечатливо сведоштво за историјата и културата на сите цивилизации. Тоа е основен елемент на нашиот идентитет. Токму затоа, наследството, неговата заштита и презентацијата се врвен државен приоритет, нагласи денеска министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на симпозиумот  посветен на 100-годишнината од Првата светска војна, со кој и официјално почна 70. јубилеен конгрес на Меѓународната асоцијација на кинотеки и филмски архиви (ФИАФ).

На Конгресот, кој од вчера до 10 мај ќе се одржува во Скопје, пријавени се 200 делегати од 80 кинотеки и филмски архиви од целиот свет, кои според министерката, имаат одлична можност да ги презентираат своите визии за унапредување на заштитата на аудиовизуелното наследство, да се лоцираат можностите за развој на стандардите на теориското, но и на практичното ниво во работата на филмските архиви.

Владата и Министерството за култура, како што посочи Канческа-Милевска пред присутните, во изминатиот период реализираа бројни инвестиции со кои се унапредија состојбите во македонската кинематографија.

„Беа реализирани големи вложувања во филмската дејност во Република Македонија кои резултираа со значајни филмски остварувања, со многу копродукции, претставувања на меѓународните фестивали и релевантни признанија и награди,“ истакна Канческа-Милевска.

Министерството за култура, додаде, донесе посебен закон за заштита на аудиовизуелните добра, изработен според европските стандарди, а значително се пдообрени и условите за чување на националната продукција.

„Со поддршка на Владата, Кинотеката на Македонија се здоби со најсовремени депоа за чување на нашиот богат фонд на аудиовизуелни добра, а започнавме и со реализацијата на една од најголемите инвестиции во областа на аудиовизуелната дејност кај нас, а тоа е проектот за обнова и ревитализација на споменикот на културата, Хавзи-пашините конаци, кој покрај музејската вредност ќе има и намена за заштита, чување и презентација на целокупното македонско филмско културно наследство“, информира Канческа-Милевска.

Преку реализација на бројни проекти, посочи таа, соодветно се сочувуваат вредни примероци од нашата богата кинематографска дејност, вредни артефакти кои се сведоштво за историјата и културата на Македонија за идните генерации. Кинотеката на Македонија изврши дигитализација и дигитална реставрација на голем број од материјалите што ги поседува.

„Дигитализацијата ја препознавме како значаен елемент во изградбата и развојот на информатичкото општество и општеството на знаење, сегмент кој преставува значаен фактор во остварувањето на културната политика и на културниот развој на земјата. Затоа, со голема сериозност Кинотеката на Македонија му се посвети на овој процес и досега е извршена дигитална реставрација на целокупното филмско творештво на првите сниматели на Балканот, браќата Манаки, како и творештвото на реномирани автори, режисери кои ја афирмираат нашата држава ширум светот, како што се Милчо Манчевски, Столе Попов и Љубиша Георгиевски“, подвлече Канческа-Милевска.

Кинотеката на Македонија, нагласи министерката, е единствената институција во Република Македонија одговорна за прибирање, чување, заштита, истражување и презентирање на аудиовизуелното наследство која денеска располага со фонд од над 15.000 копии на филмови од домашна и странска продукција, многуброен материјал, фотографии, плакати, пишувани документи, книги и списанија за историјата и теоријата на филмот, како и значајна колекција на стари кинематографски апарати.

Филмската програма на ФИАФ почнува со филмот „Човекот од слама“ на Волфганг Стауте, а во наредните пет дена ќе бидат прикажани филмови од 22 кинотеки, кои обработуваат периодот на Првата светска војна. Дел од нив првпат се прикажуваат по стотина години и претставуваат извонредно вреден архивски материјал.