„Мај – месец на велосипедистите“

На иницијатива на Владата на Република Македонија, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во соработка со повеќе државни институции во текот на овој месец ќе ја реализира кампањата “Месец   на велосипедистите“, а чија што цел е промоција на велосипедизмот,  подобрување на условите и можностите за развој на велосипедизмот како форма на сообраќај,  подобрување на безбедноста на велосипедистите во сообраќајот и подигање на јавната свест за поголема безбедност на велосипедистите во сообраќајот.

Во рамките на акцијата  “Мај – Месец  на велосипедистите “,  ќе се реализираат повеќе активности од страна на државни органи и институции, како и организации и здруженија на граѓани,  кои се насочени кон велосипедистите, нивната безбедност во сообраќајот на патиштата, но и активности кои се насочени кон возачите и кон сите останати учесници во сообраќајот во однос на заштитата на велосипедистите. Покрај овие директни активности и очекувани резултати, ќе се придонесе кон поширока општествена промоција на велосипедизмот во Република Македонија.

Во реализацијата на активностите вклучени се Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, Министерство за внатрешни работи, Министерство за локална самоуправа, Агенција за млади и спорт, Агенција за промоција и развој на туризмот, Агенција за финансиска подршка на земјоделието и руралниот развој, Заедница на единиците на локалната самоуправа, Град Скопје, Единиците на локалната самоуправа, Јавно претпријатие за државни патишта “Македонија Пат”, Велосипедска федерација на Македонија и останати партнери кои директно или индиректно придонесуваат за реализацијата на оваа активност.