На малиот плоштад со богата културно-уметничка програма, приредена од учениците од општинските училишта се одбележа Денот на Европа. На денешен ден, пред 64 години, Роберт Шуман ја презентираше декларацијата, која се смета за темел на денешната Европска унија. На почетокот, во заедницата беа Белгија, Франција, Германија, Италија, Луксембург и Холандија, за да сега, по бројни процеси на трансформирање и проширување во Европската унија членуваат 27 земји.
„Древниот Охрид е вистинското место од каде можеме уште еднаш да ги упатиме пораките за чување на цивилизациските вредности како темел за развој на современите демократските процеси. Низ вековите Охрид бил крстосница на цивилизациите и еден од столбовите на развојот на општочовечките хуманистички принципи. Токму затоа, убедени сме дека, охридските длабоки и цврсти просветителски, хумани и културно – историски корени, ќе бидат дополнителен, заеднички предизвик за забрзување на процесот за влез на Република Македонија во големото европско семејство“, рече заменик–градоначалникот Јанев.
„Ние сме се чувствувале и се чувствуваме како дел од Европа. Постојано и посветено работиме на решавање на нашите актуелни проблеми, ги спроведуваме реформите и ги вградуваме европските стандарди. Денешното одбележувањето на Денот на Европа во Охрид, го чувствуваме како чекор напред во забрзувањето на македонските евроинтеграциски процеси и рамноправно членство во Европската унија“, додаде Јанев.
„Деновиве Европа се соочува со сложени одлуки но покажува дека Европската унија е по есенцијална отколку пред шеесет години. Ние денеска прославуваме во Охрид, но и низ повеќе други градови ширум Македонија. Тоа докажува дека можеме да бидеме единствени и покрај разликите. Европа е премногу различна но во исто време премногу обединета. Да работиме за проширување на Европа и со Вас како нераскинлив дел од европското семејство“, истакна Роберт Лидл, раководител на одделот за политички прашања на делегацијата на ЕУ во Македонија.
Симбиозата на овие два исклучително важни датуми, со временска дистанца од само 5 години ја изразуваат смислата на постоењето на денешна Европа, како современо јаве на еден дамнешен сон. Во реализирањето на тој сон вградени се многу важни настани од минатото, сегашноста и иднината на Европа.