Во текот на 19-тата недела од 2014 година (од 05.05.2014 – 11.05.2014 година), во Република Македонија пријавени се 29 лица заболени од грип, што е намалувaње од 56,7% во однос на минатата недела, а зголемување од 3,6% во споредба со бројот на заболени во 19-тата недела минатата сезона.
Во однос на просечниот број на заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период, бројот на пријавени случаи е поголем за 2,4 пати.
Во сезоната 2013/2014, заклучно со 19-тата недела/2014, вкупниот број на заболени од грип во републиката изнесува 29.042 (МБ 141,3/10.000).
Во споредба со истиот период минатата година, постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 15,9%, а во однос на просекот за 10-годишниот период се регистрира зголемување за 60,3%.
Во текот на 19-тата недела нема регистрирано смртен случај асоциран со инфекција со вирусот на грип, а вкупниот број на починати лица во оваа сезона останува 12.
Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци, покажува дека во февруари се пријавени најмногу заболени од вкупниот број случаи во целата сезона (49,5%). Во јануари се регистрирани 23,4% од заболените, а во првата недела од мај само 0,3%.
Најголем број на заболени во текот на оваа сезона се регистрирани на територијата на ЦЈЗ Скопје – 4.144 заболени и ЦЈЗ Прилеп – 3.988, а најголем морбидитет (760,1/10.000) е регистриран во ПЕ Кавадарци.
Во однос на возрасните групи, во сезоната 2013/2014 најголем број заболени се регистрираат во возрасната група од 15-64 години – 65,2%, а најголем морбидитет (239,8/10.000) е регистриран кај децата до 4-годишна возраст.
Во текот на 19-тата недела од 2014, до вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ пристигнал еден материјал, кој бил негативен на присуство на вирусот на инфлуенца.
Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 206 хумани материјали, од кои 125 или 60,7% биле позитивни на вирусот на инфлуенца.
Од позитивните, 89,6% материјали се конфирмирани како инфлуенца А, а кај 10,4% е докажано присуство на инфлуенца Б вирусот.
Од инфлуенца А позитивните, 17% се конфирмирани како инфлуенца A/H1N1pdm 09, 34,8% материјали се позитивни на инфлуенца А/H3N2, а 48,2% се нетипизирани инфлуенца А вируси.
Интензитет на активноста на вирусот на грип е низок, бројот на заболени континуирано опаѓа и се регистрираат само спорадични случаи.
Според информациите на електронскиот неделник на WHO – Euroflu за движењето на вирусот на грип во Европа во 18-тата недела од сезоната 2013/2014, инциденцата на лица заболени со грип/заболувања слични на грипот (ILI) и со акутни респираторни инфекции (ARI) е на ниско ниво во сите земји од Европскиот Регион на СЗО.
Процентот на позитивни тестирани примероци на ILI, ARI и SARI е многу низок, а инфлуенца A(H3N2) е најчесто изолираниот тип. Земјите кои даваат податоци за SARI хоспитализации сé уште пријавуваат пациенти, но во многу помал број.
Бројот на хоспитализирани пациенти со SARI е стабилен во последните неколку недели. Најголемиот број на хоспитализирани случаи припаѓаат на возрасната група од 0-4 години, а бројот на позитивни тестирани за грип пациенти со SARI благо се зголеми во однос на предходната недела.
Од почетокот на сезоната, 8 земји пријавиле 4.716 хоспитализации на пациенти, лабораториски позитивни на грип: 99% како резултат на инфекција со influenza A (воглавно A(H1)pdm09) и 1% со influenza B.
Пет земји пријавиле вкупно 396 смртни случаи, 99% поврзани со инфекција со influenza A (од субтипизираните, 81% – A(H1)pdm09 и 19% – A(H3)) и 1% со influenza B.