Ракометарите на Вардар го освоија Купот на Македонија. Во финалето кое се играше во Охрид, ракометарите на Вардар го победија Металург со 30:28 (14:11). Ова е деветта освоена Куп титула за Вардар во неговата клупска историја, пред екипите на Металург и Пелистер, кои што имаат по пет. За најтрофејниот македонски ракометен клуб ова е втора титула сезонава, откако претходно беше освоен трофејот и во СЕХА лигата.
Првото полувреме започна со два гола на Металург за водство од 2:0. Вардар возврати со два погодоци, по што следувaа два брзи гола на Металург. Вардар направи одлична серија од 6:0, за предност од 8:4. Црвено-црните ова водство не го испуштија до крајот на првиот дел, кој заврши со резултат 14:11.
Второто полувреме стартуваше со погодок на Вардар за водство од 15:11. Најголемата предност за Вардар на овој меч изнесуваше пет гола, кога Вардар поведе со 17:12. Ракометарите на Металург направија серија од 4:1 и го намалија резултатот на 18:16. Потоа следуваше изедначување на резултатот на 20:20. Вардар повторно дојде до предност и на 5 минути до крајот на натпреварот имаше водство од четири гола 27:23. Металург повторно се врати во игра и изедначи на 27:27. Со два погодоци Вардар повторно дојде до предност од два голови и резултат 29:27. Во последната минута беше постигнат по еден гол на обете страни, со што беше поставен и конечниот резултат 30:28 – победа за Вардар.
Дибиров беше најефикасен ракометар во составот на Вардар со осум гола, додека пак кај Металург – Вугринец кој постигна седум голови. Петар Ангелов имаше 11 успешни интервенции за Вардар.
Во изборот на најдобрите ракометари на овој турнир избрани беа играчите на Вардар и тоа: Алекс Душебаев беше прогласен за МВП, Матјаж Брумен за најефикасен ракометар, а Петар Ангелов за најдобар голман.
WebOhrid/фото: Златко Китрозоски