По 100 илјади евра дополнителна помош од Владата за Србија и БиХ

Македонија од државниот буџет ќе одвои по 100 илјади евра како дополнителна помош за Србија и Босна и Херцеговина, одлучи Владата на денешната седница.

„Владата исто така одлучи сите средства коишто ќе бидат собрани врз основа на отворените телефонски линии за донација ќе бидат до денар процесионирани како хуманитарна помош за БиХ и за Република Србија, односно државата нема да го задржи ДДВ, туку тој ќе биде пренаменет како хуманитарна помош и ќе биде испратен во загрозените региони по завршувањето на целокупната акција којашто трае до 30-ти овој месец,“ изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Тој апелираше до сите фирми кои сакаат да донираат помош за настраданите од поплавите во Србија и БиХ, пред да го сторат тоа, да побараат мислење од Министерството за правда за да бидат ослободени од определени даночни оптоварувања.

„Сакаме да испратиме совет до сите фирми коишто имаат интерес и намера да донираат определени добра како помош до Република Србија и до Република БиХ, пред да го направат тоа, да побараат мислење од Министерството за правда дека се работи за донација од јавен интерес и истото ќе го добијат во брз временски интервал и на тој начин ќе бидат ослободени од определени даночни оптоварувања согласно законските прописи“, истакна Ѓорѓиев.