Како дел од активностите на Министерството за култура за заштита и популаризација на нематеријалното културно наследство, во тек е изработката на елаборат за валоризација на празнувањето на Лазарица во етногеографскиот предел Дримкол како духовно културно наследство.
Научните соработници од Институтот за старословенска култура во Прилеп во текот на април реализираа теренски истражувања при што беа комплетно фотографски и видеоевидентирани и документирани сите обредни дејства кои се составен дел од празнувањето на Лазарица во југозападниот дел на Македонија, во селата Радожда, Враништа, Вевчани и, пред сé, во Луково.
Со овој проект, годинава се финализираа повеќегодишните истражувања поврзани со лазарувањето во југозападниот дел од Македонија – Преспа, Струшко Поле и Дримкол и нивната валоризација како нематеријално духовно наследство.