Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на сите православни верници и на сите граѓани на Република Македонија им го честита државниот празник, 24-ти Mај, Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј.
„Дозволете ми да ви го честитам 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, и да ви посакам најискрени желби за добро здравје, благосостојба и радосни празнични мигови.
Мај е голем празник бидејќи ги слави светите браќа Кирил и Методиј, кои својот живот го посветија на ширењето на христијанската вера на нашите простори преку својата мисионерска, учителска и просветителска улога. Преку својот ангажман како основоположници на словенската писменост и култура, тие влијаеле врз културниот развој на сите Словени.
И оваа година македонската држава им оддава признание и почит на апостолите на Словените, славејќи го делото кое претставува мост за зближување, соработка и поврзување. Она во што тие веруваа и се залагаа, претставува дополнителен поттик да продолжиме и понатаму да даваме свој придонес за развој и промоција на образованието и науката. Големото дело на светите Кирил и Методиј нè задолжува да продолжиме да ги промовираме нивната мисија на учење и традицијата која се темели на мирот, духовното богатство на луѓето, меѓусебното почитување, толеранцијата и солидарноста.
Потсетувајќи на историската и епохална мисија на солунските браќа, остануваме доследни на нивниот пример за верба и истрајност, промовирајќи ја пораката за почитување на човековите права, слобода, достоинство, правото на идентитет, писменост и култура.
Нека ни е за многу години големиот државен празник!“– стои во честитката.