Одржана првата меѓународна научна конференција за спорт во Охрид

Во Конгресниот Центар на УКИМ во Охрид, се одржa меѓународната научно-стручна конференција за спортот која е во организација на Факултетот за физичка култура и Универзитетот “Св.Кирил и Методиј”.

Одржувањето на научната стручна конференција која е прва од ваков тип во регионот, ги опфати најновите теоретски сознанија и научни истражувања за ефектите на физичката активност на антрополошкиот статус кај децата, младите и возрасните, како и нивна имплементација во физичкото и здравствено образование, спортот, спортската рекреација, кинезитерапијата, спортскиот менаџмент и др.

Свои согледувања и излагања на стручната конференција имаа научници и професори од Шпанија, Италија, Германија, Хрватска, Словенија, Србија, Бугарија, Црна Гора.

На свеченото отварање се обрати директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески кој истакна дека очекува овој научен собир да стане традиционален.

„Како директор на Aгенцијата за млади и спорт  очекувам овој научен собир да стане традиционален и со текот на годините се повеќе да придонесува за афирмација на спортот и спортските активности, како и во постојаното унапредување на спортските достигнувања, развивање на науката и усовршување на знаењата на ова поле. Агенцијата за млади и спорт, според институционалните и програмски насоки, е максимално посветена кон развојот на физичкото образование и активното занимавање со спорт, како еден од предусловите за правилно насочување и развивање на младите личности“ – заврши Спасески.

Во работниот дел свои презентации имаа еминенти професори од странство како Проф.д-р Даниел Мемерт (German Sport University Cologne, Head, Institute of Cognitive and Team/Racket Sport Research) , Проф. д-р Дуарте Аружо (Faculty of Human Kinetics/University of Lisbon Estrada da Costa, Portugal), проф.д-р Милан Жван (Ljubljana University, Faculty of Sport, Ljubljana, Republic of Slovenia), Проф. д-р Ицко Ѓорговски (Универзитет “Св. Кирил и Методиј”-Скопје, Природно-математички факултет, Институт за биологија, Скопје, Р. Македонија) и Проф. д-р Наталиa Балагуе (Универзитет во Барселона, Биомедициски науки, INEFC, Барселона, Шпанија).

FFK PESH 2