Екстерното тестирање се одвива во најдобар ред

Почетокот на екстерното тестирање започна без никакви проблеми. Не се пријавени ни технички недостатоци, ниту проблеми од организациски аспект, изјави денеска министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој истакна дека станува збор за исклучително обемен процес во којшто се вклучени безмалку 200.000 ученици.

„Денеска започна екстерното тестирање на учениците од четврто одделение во основното образование до трета година во средите училишта. Првиот, од вкупно два предметa, денеска го полагаат 77.000 ученици во сите 680 основни и средни училишта. Предност им е дадена на осмоодделенците поради роковите за упис во средните училишта. Според податоците на Државниот испитен центар, чии кол-центри се активни во текот на целиот процес на тестирањето, тоа успешно започна во сите училишта во Република Македонија“, рече Ристовски.

Екстерното тестирање единствено е одложено во подрачното училиште „Михаил Грамено“ во село Малино, општина Чучер – Сандево, поради прекин во снабдување со електрична енергија. Мало задоцнување во почетокот на тестирањето имало уште во две училишта поради прекин на интернет, што како и прекинот на снабдување со електрична енергија не се фактори кои зависат од МОН, истакна Ристовски.

До 13 часот, 370 училишта испратиле извештаи дека тестирањето е завршено, а до 14 часот тестирањето е завршено за 50.000 ученици.

„Ова е очекуван резултат по интензивните подготовки и координацијата со сите училишта, како и унапредувањето и надградувањето на системот. Процесот го олеснува и фактот што овие ученици се тестираат по втор пат со исклучок на оние кои се четврто одделение и првпат екстерно се тестираат. Може да констатираме дека екстерното тестирање се спроведува и реализира успешно. Генерален впечаток е дека сите ученици во процесот сериозно ја сфаќаат својата обврска за придонес кон неговото непречено и квалитетно спроведување. Наша основна цел е никој да не биде оштетен и затоа во целост секојдневно во наредните неколку дена на дневна основа ќе имаме координација и следење на текот на екстерното тестирање“, рече Ристовски.

Учениците кои ќе имаат евентуални забелешки од резултатите на екстерното тестирање, можат во рок од три дена да поднесат приговори до Државниот испитен центар.