Македонија домаќин на Европско првенство во кајак слалом за јуниори и сениори до 23 години

Во периодот од 3 до 6 јули, Македонија ќе биде домаќин на Европското првенство во кајак на диви води за јуниори и сениори до 23 години. На големиот настан за нашата земја кој ќе се одржи во Матка ќе учествуваат повеќе од 400 кајакари од 35 држави.

Директорот на Агенцијата за Млади и Спорт, Марјан Спасески како и спортскиот директор на кајакарската федерација на Македонија, Атанас Николовски се задоволни од севкупната организација на првенството и најавија дека Европското првенство ќе биде вистински празник за нашата земја.

„Агенцијата за млади и спорт го искажува своето задоволство што Република Македонија по одржувањето на ЕП во 2004 година за сениори, повторно во периодот од 3 до 6 јули ќе биде домаќин на голем настан во кајакарскиот спорт, а тоа е ЕП 2014 во кајак слалом за јуниори и сениори до 23 години. Да се организира Европско првенство не е мала работа. Ова е важен настан за нашата држава и затоа АМС повторно ѝ даде безрезервна поддршка на кајакарската федерација. Верувам дека успешно ќе ја завршиме задачата и ќе ги угостиме спортистите на најдобар можен начин“, изјави директорот Спасески.

„Европското првенство е настан кој го посакувавме долго време. Последното првенство кај нас се одржа во 2004 година и среќни сме што по десет годишна пауза во нашата земја ќе се случува ваков голем настан. Ќе угостиме повеќе од 400 кајакари од 35 држави, што за нас како федерација е огромна чест“, посочи Атанас Николовски.