Македонската репрезентација составена од играчи од домашното првенство денеска ги започнува подготовките за двата контролни натпревари кои ќе ги одиграме против репрезентацијата на Кина на гостински терен. На повикот од селекторот Бошко Ѓуровски, потврдно не одговори единствено Ѓоко Зајков, новиот стопер на француски Рен, сите останати фудбалери кои беа на списокот се во функција на тимот и ќе ги одработат подготовките пред контролните пресметки.
Стручниот штаб на репрезентацијата првиот тренинг со селекцијата речиси целосно составена од играчи од домашниот шампионат ќе го одржи денеска во 17:30 часот на терените во комлексот „Куќа на фудбалот“. Според програмата, тимот во наредните четири дена ќе тренираат два пати дневно, од 10:30 и 17:30 часот.
Првиот натпревар против Кина го играме на 18 јуни во кинескиот Шенјанг, во Џинан на 22 јуни двете селекции ќе го одиграат вториот меѓусебен дуел.
Селекторот Ѓуровски изјави дека целта на овие натпревари е да се добие вистинска слика за потенцијалот на играчите од домашното првенство.
„Сакаме да добиеме вистинска слика за играчите од домашниот шампионат, а дуелите против Кина ќе ни потврдат дали имаат квалитет вистински да се наметнат во репрезентацијата. Резултатот не е најголем приоритет, главниот наш фокус е да ја добиеме вистинската слика за играчите кои добиваат шанса да се наметнат, а потоа и да бидат дел од составот кои ќе го носи товарот во важните натпревари од квалификациите за Европското првенство. Ова е веројатно последната шанса дел од фудбалерите да се изборат за место во националниот тим, во следните месеци ни преостанува да работиме на глазурата, мислам дека тимот за почетокот на квалификациите веќе ќе биде познат“, изјави по објавувањето на списокот со повикани фудбалери селекторот на македонската репрезентација, Бошко Ѓуровски.