Македонската фудбалска репрезентација ги продолжува подготвките за претстојните два натпревари со Кина на кои селекторот Бошко Ѓуровски покрај Ѓоко Зајков и Тауљан Сулејманов, нема да смета ниту на Борче Маневски, на кого селекторот Ѓуровски му излезе во пресрет и му дозволи да замине на финални преговори со неговиот евентуален нов клуб.
„Мини турнеите низ Австрија и Италија како и оваа во Кина ќе бидат исклучително важни во создавањето на селекцијата за квалификациите за Европскиот шампионат во Франција. Целта е да најдеме играчи кои ќе одговорат на моите барања и да направам еден млад состав кој ќе може да настапува заедно подолг период, можеби во два квалификациски циклуси. За мене резултатот не е во прв план. Подобро да ги изгубиме сите подготвителни, но да победуваме во квалификациите. Двата натпревари во Австрија и Италија многу ми помогнаа во изборот и се надевам дека исто ќе биде и на дуелите со Кина“, изјави селекторот на репрезентацијата Бошко Ѓуровски.
За разлика од прелиминарниот список на кој се најдоаа 22 фудбалери, Ѓуровски во Кина ќе патува со 19 фудбалери.