Од 1 септември ќе се снима „Ослободување на Скопје“

Почнаа подготовките за снимањето на филмот „Ослободување на Скопје“, според драмскиот текст на Душан Јовановиќ. Филмот ќе се снима на македонски јазик, во Битола и во околината на Велес.

За таа цел денеска министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска се сретна со актерот и режисер Раде Шербеџија и со Роберт Насков од продуцентската куќа „Партизанс“.

Министерката за култура информира дека работата на филмот почнува од 20 август, а од 1 септември ќе почне снимањето кое се очекува да трае околу седум недели. Филмот ќе се сними до крајот на ноември, а до средината на следната година се очекува да биде завршен.

„Во филмот до голем израз ќе дојдат македонскиот сензибилитет, музика, архитектура и нашите природни убавини“, рече Канческа-Милевска и изрази надеж дека ќе имаме успешен филм. Додаде дека Шербеџија е голем поддржувач на Македонија.

Раде Шербеџија, кој денеска доби македонско државјанство, смета дека тоа е природен процес бидејќи цел живот ја сака Македонија, македонскиот менталитет, македонската музика, а се дружи и со пријатели од нашата држава.

„Направивме сјаен избор на актери. Главно сите се македонски, а моја партнерка во филмот ќе биде Силвија Стојановска“, рече Шербеџија.

Насков соопшти дека на сценариото работеле Душан Јовановиќ, Раде Шербеџија и во една фаза Живоин Павловиќ. Нагласи дека ќе бидат вклучени голем број филмски работници, млади и актери од повозрасната генерација. Сценограф ќе биде Иван Бартлинг, а директор на фотографија ќе биде Дејан Димевски. Музиката е на Влатко Стефановски.

„Главната база на филмот ќе биде стационирана во Битола, каде се избрани најголемиот број од локациите. Веќе се потврдени главните локации каде ќе се снима филмот. Дел од филмот ќе биде снимен во Велес и околината“, рече Насков и додаде дека освен него во продуцентскиот дел се вклучени и Горјан Тозија и Владимир Анастасов.

„Партизанс“ ќе биде македонски продуцент во филмот. Филмот ќе биде копродукција меѓу Македонија, Хрватска, а до крајот на овој месец се очекува официјална потврда и од Финска. Белгија е вклучена како копродуцент во делот на тонот, а ќе има копродуценти и од Исланд. Ќе има и германски актери, кои се уште не се потврдени.

Филмот „Ослободување на Скопје“ е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија во 2012 година.

06a_serbedzija_640