Од денес почнува 47-от Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и оваа година од денес, 14 до 29 јуни, го организира веќе традиционалниот 47. Меѓународен семинар за македонски јазик, литаратура и култура.

Во рамките на Семинарот, на 14 и 15 јуни ќе се одржи 41. Меѓународна научна конференција на која македонските и странските експерти пред учесниците на летната школа ќе ги презентираат своите најнови истражувања од областа на македонистиката. Темата на конференцијата е Македонскиот јазик, литература и култура во контекст на другите јазици, литератури и култури.

Летната школа со своите активности започнува на 16 јуни. Наставата се одвива со секојдневни активности на учесниците насочени кон изучувањето на македонскиот јазик преку лекторски курсеви поделени според степенот на познавање на јазикот. Оваа година се одбележува и 70-годишнината од официјализирањето на македонскиот јазик како службен јазик на Република Македонија. За таа цел, предвидени се секојдневни тематски предавања, од кои четири предавања се посветени на развојот на македонскиот јазик преку старословенскиот, македонската црковнословенска варијанта, преку јазикот во дамаскините, сѐ до современата состојба на македонскиот стандарден јазик. Четири предавања се посветени на развојот на македонската книжевност, а по едно предавање е посветено на македонскиот театар и на македонската историја. Предавањата ќе ги изведуваат универзитетски професори и истакнати научни работници. Покрај  предавањата, учесниците во попладнавните термини ќе ги следат  курсевите по избор кои ќе ги раководат специјалисти од соодветните подрачја, а преку нив учесниците ќе можат поконкретно и интерактивно да се запознаат со најновите истражувања што се предмет на нивниот интерес.

Одбележувајќи ја 65-годишнината на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, планирано е и одржување на Отворен ден, во кој, покрај презентацијата на неговата меѓународна дејност, можностите за користење на програмите за мобилност и можностите за продолжување на студиите на втор и трет циклус студии, се предвидува и презентација на единиците на Универзитетот кои се занимаваат со дејност поврзана со македонистиката. На тој начин, учесниците ќе имаат можност директно да се запознаат со наставните програми, актуелните проекти на единиците и со нивната најнова издавачка продукција.

Во вечерните часови е предвиден термин за презентации, промоции и интерактивни настани  со кои ќе се збогати научната и културната понуда за учесниците. Во рамките на овие термини ќе се промовираат најнови научни и книжевни изданија, ќе се овозможат средби со познати македонски автори, ќе се овозможи проекција на документарни филмови од областа на културата и етнологијата и сл.

Доследно почитувајќи ја традицијата, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ преку предвидените активности на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, од 14 до 29 јуни во Охрид – градот на древните цивилизации, духовната традиција и на изворот на словенската писменост, постепено прераснува во летен Универзитет по македонистика, вели директорката  на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура Проф. д-р Славица Велева.

Летната школа ја организира Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

На Летната школа годинава учествуваат над 60 учесници-стипендисти, меѓу кои: странски студенти од прв циклус студии, кои го слушаат предметот македонски јазик во рамките на студиските програми на своите универзитети; студенти на втор и трет циклус студии кои во своите истражувања проследуваат теми во врска со македонскиот јазик, литература и култура и научни работници и универзитетски професори кои истражувале или истражуваат проекти од областа на македонистиката.

Најголем дел од учесниците добиваат стипендии од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, потпомогнат од Министерството за образование и наука и од Министерството за култура при Владата на Република Македонија.

Годинава активностите на Семинарот ќе ги следат стипендисти од 20 земји, меѓу кои: Соединетите Американски Држави, Канада, Финска, Белгија, Франција, Словенија, Србија, Хрватска, Бугарија, Турција, Унгарија, Албанија, Русија, Чешка, Полска, Словачка, Украина, Азербејџан, Кина и Јужна Кореа.

На Летната школа предавањата и курсевите ќе ги реализираат универзитетски професори и научни работници од повеќе единици во состав на Униветзитетот Св. „Кирил и Методиј„ во Скопје. Лектори ќе бидат наставници и соработници од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, кои се обучени за одржување настава по македонски јазик како странски, согласно стандардите на Еврпската рамка за изучување на јазиците и кои ги користат методите и стандардите на Центарот за тестирање и сертифицирање на македонскиот јазик како странски.

Летната школа се реализира преку секојдневни лекторски часови поделени според нивото на познавање на јазикот и нивниот интерес на почетно, средно и напреднато рамниште за лингвисти или литерати. Секој ден претпладне, по лекторската настава, терминот е резервиран за тематско предавање, а наставата продолжува попладне преку следење на еден од курсевите по избор на стипендистите. Годинава се понудени следниве курсеви:

– Курс по лексикологија, семантика и фразеологија на македонскиот јазик (лексикологија, ономастика, фразеологија, семантика);

– Курс по историско и културно наследство на Македонија (материјална култура, духовна култура, народна култура, етнологија);

– Курс по креативно пишување;

 47. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура ќе се одржи во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“  оддалечен (7км) од градот Охрид, сместен покрај брегот на Охридското Езеро.

Датумот на пристигнување на учесниците на Меѓународната научна конференција и на учесниците на летната школа во Охрид е денес 14 јуни, а датумот за заминување од Охрид е 16 јуни за учесниците на научната конференција и 29 јуни, за стипендистите -учесници на летната школа.