Трибина во Охрид за значењето на поимот европски вредности во македонските печатени медиуми

Центарот за култура и културулошки студии (ЦККС), денес  во Охрид организираше трибина за медиумите и граѓаните на град Охрид, а како дел од проектот„Опсегот и значењето на поимот европски вредности во македонските печатени медиуми“. 

Проектот, поддржан од УСАИД, се реализираше осум месеци и опфати истражување и анализа на поимот европски вредности во пет македонски печатени медиуми, а имаше за цел добивање на јасна слика за начините на кои македонските медиуми зборуваат и пренесуваат за европските вредности. 

Според претседателката на ЦККС, проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева, „резултатите од анализата на поимот европски вредности покажаа дека има потреба од актуелизација на европските вредности во јавноста. Тоа ќе се реализира со поттикнување на медиумите за нивно известување за европските вредности кое ќе ги зема во предвид целите пропишани со Лисабонската декларација, а за поцелсно и пообјективно информирање на граѓаните. Заклучокот од трибината беше дека европските вредности не се разликуваат од македонските традиционални вредности меѓутоа треба да се води грижа за доследно спроведување на системот на вредности пропишани и во Европската унија и во Македонија“. 

На трибината присуствуваа и се обратија проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева, претседателка на ЦККС,проф. д-р Мишел Павловски, потпретседател на ЦККС и м-р Наташа Илиевска-Таневски, стручен соработник од ЦККС.