Министерoт за труд и социјална политика, Диме Спасов информираше за новиот јавен повик за „Проектот за бесплатен одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик“.
„Поаѓајки пак од универзалното право дека секое дете има право на социјална сигурност, рекреација и животен стандард сакам да истакнам дека и оваа година ќе се реализира “Проектот за бесплатен одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик”, рече Спасов.
Спасов истакна дека ова лето ќе се овозможи бесплатно летување за 2000 деца коишто се наоѓаат во понеповолна положба и дека проект се спроведува од 2012 година. Досега вкупно 6000 дечиња посетиле бесплатен летен и зимски одмор, односно 4.000 дечиња имаа можност да заминат на бесплатен летен одмор, а 2.000 деца на бесплатен зимски одмор.
„Би сакал да информирам дека утре, 17.6.2014 година, вторник, излегува јавниот повик за бесплатно летување, на којшто сите заинтересирани родители коишто користат социјална парична помош, постојана парична помош и посебен додаток можат да аплицираат за користење на бесплатна услуга за одмор и рекреација за своите деца. Бесплатен летен одмор ќе користат и децата без родители и родителска грижа родени во период од 1999 до 2003 година, односно деца – редовни ученици во петто, шесто, седмо и осмо одделение во учебната 2013/2014 година.“- рече Спасов.
Услугата ќе се користи во текот на летниот распуст во смени од по 7 дена, почнувајќи од 1 јули 2014 година во сместувачките центри на Охридското езеро.
Бесплатниот одмор и рекреација за деца опфаќа 6 полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно) и едукативни, забавни и спортски активности. Децата со пречки во развојот корисници на посебен додаток имаат право на придружник за време на одморот”,потенцираше Спасов.
Сите заинтересирани потребно е да се обратат и да поднесат барање до надлежниот Центар за социјална работа според местото на живеење до 27.6. 2014 година, од каде што ќе бидат информирани за користење на услугата. Детални информации можат да се добијат и на web страната на министерството.
„Со оглед на позитивните резултати и можностите коишто ги даваме на децата во социјален ризик, овој проект ќе продолжи да се реализира и во наредните четири години, така што на годишно ниво 2.000 деца ќе користат бесплатен летен одмор, а 1.000 деца бесплатен зимски одмор. Остануваме посветени да осмислуваме нови идеи и активности, со коишто ќе овозможиме повеќе можности на секое дете. Впрочем за тоа говорат многуте проекти во нашата програма. Ќе направиме сe, социјалниот ризик да не биде пречка за исполнето детство за најмладите”,- заврши Спасов.