Груевски: Уште 30 нови странски инвестиции со 10.000 директни работни места

Најмалку триесетина нови странски инвестиции во слободните и индустриските зони, кои ќе креираат над 10.000 директни работни места, очекува мандатарот Никола Груевски во наредните четири години.

При презентацијата на Предлог-владината програма за периодот 2014-2018 година Груевски истакна дека се очекува раст на извозот од околу 10 проценти и раст на увозот од околу 8 проценти годишно.

„Ќе има и нови мерки со цел македонските компании да се вклучат како добавувачи на мултинационалните компании во Македонија. Поттикнувањето нов инвестициски циклус на фирмите и реализацијата на инвестициите во градежништвото ќе значи дополнителен стимул за економијата“,  нагласи мандатарот.

Владата, посочи, очекува засилување на приливот на странските директни инвестиции.

„Нивното ниво очекуваме да се движи помеѓу 350 и 430 милиони евра годишно до 2015 година и помеѓу 490 и 550 милиони евра годишно до 2018 година, под услов да не се случи некој нов надворешен шок“, рече  Груевски.