Македонската култура во Рига- Европска престолнина на културата 2014

Со поддршка на Министерството за култура, во Рига, Летонија, во рамките на манифестацијата „Европска престолнина на културата, македонската изворна култура на 21 и 22 овој месец ќе биде претставена со настапите на амбасадорот и презентерот на непроценливото македонско фолклорно богатство, Ансамблот за народни игри и песни „Танец“.

За време на настапите, пред летонската јавност ќе биде презентирано дел од богатото македонско фолклорно богатство, македонските ора и носии кои претставуваат идентитет и историја на македонскиот народ. Настапот на „Танец“ е во рамките на Фестивалот на летната долгоденица, кој е еден од најзначајните настани кои се дел од оваа манифестација. Фестивалот традиционално се одржува на отворено, а на него ќе се претстават музичари, танцови групи и уметници од целиот свет.

Исто така со поддршка на Министерството за култура во Рига во јули во рамките на Светската хорска олимпијада „Рига 2014“ ќе настапи и женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“.

Учеството на Република Македонија на оваа значајна културна манифестација ќе придонесе за афирмација на македонската култура и на културните вредности, како и за продлабочување на соработката во областа на културата и уметноста со Летонија, што е во функција на приближување на народите и државите и нивно запознавање со меѓусебната култура и традиција.

Идејата за проектот „Европска престолнина на културата“ потекнува од 1985 година кога министрите одговорни за културни работи на Европската Унија, одлучија секоја година на некој од европските градови да му дадат можност да ја покаже својата разнолика културна сцена. Европската престолнина на културата е важна мисија, чија цел е да ги охрабри и да ги поттикне европските народи да го слават заедничкото културно наследство.

Со оглед на важноста на овие настани, Република Македонија започна со презентација на своето богато културно наследство и современо творештво, уште во 2010 година, од кога македонската култура и традиција беше претставена во Истанбул, Талин, Марибор и во Марсеј-минатогодишната престолнина на културата.