По повод 64 години од формирањето на Здружението на пензионерите на Охрид и Дебрца, 20 јуни 1950 година, утре во големата сала на Општината Охрид со почеток во 10 часот, ќе се одржи свечена пригода. На свечената пригода која за прв пат се организира, на Денот на охридските пензионери, пригоден реферат за развојот, значењето и успесите на здружението, ќе поднесе претседателот на Извршниот одбор Ѓорѓи Трпчески.
Со утрешната свечена пригода, ЗП ќе се вклучи во одбележувањето на 21 јуни Денот на охридското езеро,при што ученици од основните училишта од градов под раководство на наставничката во пензија Ристана Мурџеска-Мојсоска ќе изведат рецитал „Убавините на Охрид и езерото“. Утрешната пригода ќе биде и во знакот на проектот на СЗПМ, година на Меѓугенерациска соработка,меѓу младите и пензионерите.
Програмата по повод 20 јуни Денот на пензионерите на Охрид и Дебрца, ќе биде збогатена и со настап на Културно-уметничкото друштво при здружението на пензионерите со неколку охридски староградски песни.