По повод воспитно-едукативната акција „Недела за безбедност на моторциклистите во Република Македонија“ денес напладне во Охрид се одржа ревијално возење моторцикли. Целта на акцијата е испраќање порака за поголема безбедност на моторциклистите во сообраќајот поради нивната се поголема присутност во сообраќајот.
Идејата за денешното ревијалното возење моторцикли низ градот е да се покаже заложбата на членовите на моторциклистичките клубови и здруженија на моторциклисти од Охрид за безбедно и внимателно управување моторцикл, почитување на сообраќајните правила и прописи и задолжително користење на заштитните шлемови. Членовите на неколку моторциклистички клубови и здруженија на моторциклисти од Охрид, практично демонстрираа безбедно возење моторцикл со целосно почитување на сообраќајните правила и прописи. Тоа беше нивната порака за сите учесници во сообраќајот пред се за возачите на патнички и други моторни возила, но и повик до нив за целосно придржување до сите сообраќајни правила и прописи.
Ревијалното возење моторцикли низ сообраќајниците на Охрид се реализира со присуство на мотопатролите на полициската станица за безбедност во патниот сообраќај.
Акцијата „Недела за безбедност на моторциклистите во Република Македонија“ со ревијално возење моторцикл, денес во 16 часот ќе се реализира и во Струга.
Оваа акција е заеднички проект на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.