Лајонс клубот „Десарети“ традиционално, секоја година, во месец јуни, спроведува донаторска акција, на која што им помага на социјално најзагрозените наши сограѓани.
Во соработка со Црвен крст Охрид претставници на Лајонс клубот Десарети денес пред седиштето на Црвен крст Охрид поделија хуманитарни пакети со прехрамбени производи и средства за хигиена на над 30 семејства од социјално ранливата категорија. Оваа акција е поддржана и од Лајонс клубовите Охрид и Лихнидос.
„Традиционално секоја година организираме донаторска акција во месец јуни. Оваа акција ни е секогаш поддржана од сите други Лајонс клубови, значи од Лајонс клуб „Лихнидос“ Охрид, „Деница“ и Ротари клубот. Собраните донаторски средства, оваа година одлучивме да ги дадеме во вид на пакети на храна на најранливите категории.“- истакна претседателот на Лајонс клубот „Десарети“, Иво Захариевски.
Претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков од името на корисниците на оваа хуманитарна помош, изрази благодарност до сите хуманитарни организации кои што како што рече, на овој начин им помогнале на најранливата категорија граѓани.
„Би сакал да ги охрабрам и поттикнам останатите од коорпоративниот сектор, фирми, институции кои што можат нивното малку да го преточат во многу , за оние кои немаат ниту малку.“– додаде Точков.
Во текот на утрешниот ден, Лајонс Клубот „Десарети“ од Охрид, по барање на Друштвото на слепи лица ќе им донира ДВД плеар.
WebOhrid/Ангелче Андриоски