Реформите и предизвиците во финансирањето на македонскиот здравствен систем е темата на која директорката на ФЗОМ, Маја Парнарџиева-Змејкова има предавање на XIX Меѓународна летна школа за менаџмент на институции кои обезбедуваат здравствени услуги. XIX Меѓународна летна школа за менаџмент на институции кои обезбедуваат здравствени услуги се одржува 23 до 27 јуни 2014 година во Милочар, Република Црна Гора, со наслов „Здравствените системи на Југо-Источна Европа на крстопат – по декада на реформи, поглед кон иднината.
Оваа меѓународна Летна школа за менаџмент на институции кои обезбедуваат здравствени услуги, е во организација на Европскиот центар за мир и развој, при Универзитетот на Обединетите Нации, кој е високо ценет во сферата на здравството и има силно влијание врз креаторите на здравствените политики во целиот свет, бидејќи претставува своевиден репер за менаџерите на здравствените установи ширум светот.
Парнарџиева-Змејкова е поканета на овој стручен собир, да ги презентира своите искуства за успешните резултати во реформите во здравството и да ги претстави предизвиците со кои се справува Република Македонија пред Русмир Месиховиќ, министер за здравство на Република Босна и Херцеговина, Драган Богданиќ, министер за здравство на Република Српска, како и на домаќинот, Миодраг Радуновиќ, министер за здравство на Република Црна Гора и пред врвните менаџери на здравствените системи од регионот и Европа.
Предавањето на директорката на ФЗОМ, м-р Маја Парнарџиева-Змејкова ги опфати модалитетите за успешност на реформите во начините на плаќање, како што е плаќањето според дијагностичко сродни групи (ДСГ), воведувањето на уникатната алатка – условен буџет за целни групи на пациенти, континуирано следење на цените, поттикнување на конкуренција и зголемување на квалитетот на здравствените услуги, плаќање на специјалистички пакети за завршени епизоди на лекување.
Голем интерес предизвика делот од предавањето во врска со начините како да се постигнат поголеми ефекти со ограничени финансиски средства. Иако светот е во финансиска рецесија, сепак Македонија го следи светскиот тренд на вложување во здравството, преку големи инвестиции во опрема, во обуки и усовршување на здравствените работници. Но и големи инвестиции во инфраструктурата и електронски услуги што Фондот ги нуди и во кои, во споредба со земјите од регионот, претставува лидер во нивната имплементација.
Полемики и дискусии предизвика и делот од презентацијата во врска со предизвиците со кои се соочува Фондот за здравствено осигурување на Македонија, како впрочем и другите здравствени системи и фондови, во однос на демографскиот фактор, односно стареењето на популацијата. Парнарџиева-Змејкова ги објасни преземените чекори за Македонија да стане лидер во регионот во електронски услуги во здравството и ФЗОМ со проектот на електронска здравствена картичка, укинување на хартиените здравствени книшки, воведувањето на електронскиот упат и електронските рецепти го заокружува во целост интегрираниот електронски здравствен систем.
Покрај ФЗОМ, во дискусијата на школата посветена на здравствените реформи, менаџирањето на здравството и можните решенија за иднината на здравствените системи, учество земаат и Русмир Месиховиќ, министер за здравство на Република Босна и Херцеговина, Драган Богданиќ, министер за здравство на Република Српска, како и на домаќинот, Миодраг Радуновиќ, министер за здравство на Република Црна Гора.
На овој стручен собир свои презентации имаат и високи претставници на меѓународните тела за здравство, како и Тихомир Домазет, директор на хрватскиот Фонд за здравствено осигурување, Арне Бјорнберг, претседател на Евро индексот за здравство (EHCI) и бројни еминентни експерти во сферата на здравството од Шведска, Велика Британија, Хрватска и Србија. Овој стручен собир е најголем од овој вид во Југо-источна Европа во однос на претставување на преземените реформи во здравствените системи во Европа.