Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод почетокот на рамазанските пости, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи, до членовите на Ријасетот и до сите припадници на исламската вероисповед во Република Македонија.
„Почитуван реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи,
Дозволете ми, Вам лично, на членовите на Ријасетот на Исламската верска заедница и на сите граѓани со исламска вероисповед во земјава да Ви го честитам започнувањето на рамазанските пости.
Одбележувајќи го започнувањето на постите за големиот празник Рамазан-бајрам, кој според муслиманските верувања е месец на проштавање, истрајност и посветеност кон верата, верувам дека и годинешново празнување ќе помине во духот на споделување на љубов, милосрдие и добрина.
Верувањето нè учи на почитување на верските и духовните вредности и ни укажува на единство меѓу луѓето во духот на меѓуверската толеранција, без разлика на верската, етничката и политичката припадност. Од сè срце Ви посакувам рамазанските пости да Ви бидат исполнети со хармонија и во радост да го дочекате големиот празник Рамазан-бајрам. На припадниците на исламската заедница во земјава им посакувам фамилијарна топлина, мир и љубов.“- стои во честитката.