Денес се одржа 25-та седница на Советот на Општина Охрид. Советниците ги изгласаа 38-те токи на дневен ред а ги усвоија и записниците од 23-та и 24 –та седница. Дополнително се разгледаа и 14 иницијативи на граѓани за изработка на детални урбанистички планови од кои по усвојувањето како предлог одлуки, само 6 беа изгласани, останатите 8 не добија зелено светло од градските советници.
Со изгласување на првите 15 предлог одлуки, советниците ги разрешија досегашните и именуваа нови членови на Надзорните и Управните Одбори во охридските јавни претпријатија а ги разрешија и досегашните и поставија нови членови на Училишниот Одбор на ОСУ “Св. Климент Охридски“.
Беше изгласана и предлог одлуката која се однесува на летниот режим на сообраќај кој во Охрид стартува од 1 јули и ќе важи до 31 август
годинава. Советниците одлучија целосно затворена за сообраќа да биде улицата Кеј “ Маршал Тито“, која летово ќе биде вистинско шеталиште за охриѓани и гостите. Затворени за сообраќај ќе бидат и улиците:“Св. Климент Охридски“, “Цар Самоил“, Коста Абраш“ и „Илинденска“,освен за жителите на Стар Град кои ќе сообраќаат во временски интервал од 05.00 до 20.00 часот. Советниците на денешната седница дадоа зелено светло и за продолжување на работното време на угостителските објекти за еден односно два часа од постоечкото работно време.
Се усвоија и предлог одлуките за пренесување право на сопственост на моторно возило- цистерна од општина Охрид на ЈП „Нискоградба Охрид“ Охрид, односно за пренесување право на сопственост на недвижност од општина Охрид на ОУ„Живко Чинго“ с. Велгошти.
Беа усвоени и: Предлог Одлуката за усвојување на Програмата за спроведување на општи мерки за заштита на населението од заразни болести за 2014 година;Предлог Одлука за усвојување на Развојната Програма за поттикнување на развојот на туризмот на општина Охрид за 2014-2016 година;Предлог Одлука за измена на распоредот на средствата во буџетот на општина Охрид за 2014 година; Предлог Одлука за отстапување на користење на паркинг простори од општина Охрид на ЈП „Билјанини Извори“ Охрид;Предлог Одлука за давање согласност на Одлуката за отстапување на правото на користење на недвижности-дел од паркинг просторот од ЈП„Градски гробишта“ Охрид на ЈП„Градски Пазар“ Охрид; Предлог Одлука за давање согласност на Одлуката за наплата на услуга лежарина за запленета урбана опрема; Предлог Одлука за давање согласност на Одлуката за дополнување на Одлуката за утврдување на цените на услугите што ги врши ЈП „Охридски Комуналец“ Охрид; Предлог Одлука за давање согласност на Одлуката за утврдување на цените на услугите што ги врши ЈП „Охридски Комуналец“ Охрид.
Советниците дадоа зелено светло за отворање на дисперзирани детски градинки кои би функционирале во рамки на ОУ „Кочо Рацин“ во Охрид и во дел од просториите на ОУ „Св. Наум Охридски“ во с. Пештани.
На денешната Седница се разгледаа два Нацрт Плана и осум Детални Урбанистички Планови за кои е добиена соодветна согласност од сите надлежни институции: од Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и од Управата за Културно историско наследство. Советниците дополнително расправаа и за 14-те предлог иницијативи на граѓани за изработка на детални урбанистички планови. Од нив како предлог одлуки беа изгласани само шест, останатите 8 не добија зелено светло од градските советници.