Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев и генералниот секретар, Оливер Спасовски, денеска се сретнаа со амбасадорката на Република Србија во Република Македонија, Душанка Дивјак Томиќ.
Амбасадорката Дивјак Томиќ, изрази голема благодарност за учеството на СДСМ во помошта и поддршката за време на поплавите во Република Србија и санирањето на последиците во земјата.
Во таа чест, амбасадорката додели благодарница на Социјалдемократскиот сојуз од амбасадата на Р.Србија, како и благодарница лично на претседателот на партијата, Зоран Заев, испратена од премиерот на Р. Србија, Александар Вучиќ.
Претседателот Заев во чест на солидарноста, хуманизмот, пријателството и соработката меѓу двете земји, на амбасадорката Дивјак Томиќ и подари уметничка слика од уметникот Митко Тошев, на којашто тој го доловува моментот на големото срце на малото дете кое му помага на својот пријател во тешките моменти.
На средбата стана збор и за политичката состојба во земјава, лидерската средба, проблемите со коишто се соочува државата, како и демократските капацитети за надминување на политичката криза.
Амбасадорката беше заинтересирана за напредокот на општина Струмица и изрази желба за меѓусебна соработка и збратимување на општина Струмица со општини од Р. Србија, во насока на младинско дружење, спортска, забавна и културна соработка, но и економски развој на локалните заедници.