Околу 34.000 корисници на социјална помош и 5.000 на постојана парична помош да бидат ослободени од плаќање радиодифузна такса, предвидуваат измените на Законот за аудиовизуелни и медиумски услуги, што Владата предлага да ги усвои Собранието по скратена постапка.
Примената на законските измени, што се на дневен ред на собраниска седница наредната среда, денеска ја утврдуваа министрите за информатичко општество и администрација и за труд и социјална политика Иво Ивановски и Диме Спасов.
„Веднаш по стапувањето во сила на законот Министерството за труд и социјална политика постојано редовно секој месец ќе доставува база на приматели на социјална и постојана парична помош со цел ЈП Македонска радиотелевизија да не фактурира радиодифузна такса кон овие граѓани приматели на парична помош од страна на држава и кои реално се во најтешка состојба“, изјави министерот Спасов.
Според Ивановски, наплатата на радиодифузната такса кај ранливата категорија граѓани е минимална, а Управата за јавни приходи ќе ги изземе од најавените тужби за неплатена радиодифузна такса во изминатиот период.
„Трошоците кои ги има УЈП се многу поголеми од она што можеме како Буџет да го инкасираме. Поради тоа, донесовме политичка одлука да им се помогне на овие граѓани и доживотно да се изземат од наплатата на радиодифузната такса, а да продолжиме да работиме на системот за да креираме јавен радиодифузен сервис по примерот на останатите балкански земји“, рече Ивановски.
Тој информира дека се во напредна фаза разговорите за моделот со кој ќе се овозможи што повеќе граѓаните да ја плаќаат радиодифузната такса, на поедноставен начин и со помала провизија кон банките.
Веќе има конкретни заклучоци од работата на пошироката работна група, формирана како ветување при носењето на законите за медиуми, со претставници на ЗНМ, МАН, Министерството за финансии, Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги и директорите од МРТ со цел да се најде модел за сигурна наплата на радиодифузна такса, а со тоа и подобри содржини на јавниот сервис, посочи Ивановски.
ЗНМ, додаде, при носењето на законите тврдеше дека постои санациска програма во МРТ и се испостави дека не е така, односно како што јас кажував цело време, МРТВ е независна и секоја година се определува буџет за нејзини потреби од Министерството за финансии во Владата од 240 милиони денари. Тоа се стави во заклучок и беше прифатено од претставниците на ЗНМ, рече Ивановски, појаснувајќи дека средствата автоматски се префрлаат на почетокот на месецот.
Според Ивановски, работната група почнува разговори за проблематиките со кои се соочува УЈП и МРТВ за креирање на регистарот на граѓани кои треба да наплаќаат радиодифузна такса.
„Апелирам до сите граѓани доколку за некои домаќинства имаат по две фактури да се обратат или во локалната канцеларија на УЈП или на шалтерот на МРТВ во Скопје, за да се корегира грешката, а со тоа и наплатата да биде редовна и да се зголеми процентот на наплата“, рече Ивановски.