Промовирана публикацијата „Концепт за човекови права за полицијата“

Еропскиот комитет за превенција од тортура и секакво нечовечко постапување последните години забележа подобрување во спроведувањето на секојдневните задачи на полицијата. Сите реформи во полицијата, заслужуваат поздрав“. Ова меѓу другото, го истакна Лорен Браулио од Генералниот директорат за човекови права и владеење на правото при Советот на Европа, на денешната промоција на публикацијата “Концептот за човекови права за полицијата“ во рамки на проектот за јакнење на капацитетите на органите за спроведување на законот за соодветно постапување со задржани и осудени лица што се одржа во ЕУ Инфо Центарот и на која што присуствуваа и министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска и амбасадорот на ЕУ во Република Македонија Аиво Орав.

Според министерката Јанкулоска – “Тука сме за да ги одбраниме и обезбедиме сите уставно загарантирани права на граѓаните на Република Македонија, но и да внимаваме при нашето работење да не ги пречекоруваме овластувањата и да не нарушиме нечии права. Се трудевме целосно своето работење да го водиме согласно начелото „полицијата сервис на граѓаните“. Таа потенцираше дека европските стандарди во областа на правдата и внатрешнита работи односно почитувањето на основните права и слободи, се базични постулати врз кои се темели институционалното функционирање.

Јанкулоска изрази убеденост дека изданието „Концепт за човекови права за полицијата“ во иднина ќе биде основна алатка како во обуката на полициските службеници, така и во нивното секојдневно работење, притоа потенцирајќи дека оваа брошура, е само дел од целиот проект кој предвидува и реновирање на просториите за прифат во Полициските станици, но и доопремување и дообучување на вработените во Секторот за внатрешна контрола, во вредност од над два милиони денари. Впрочем, како што потенцираше Јанкулоска, според последното истражување на јавното мислење изработено од ОБСЕ, речиси две третини од македонските граѓани и веруваат и ја почитуваат полицијата во нивните средини што е далеку над европскиот просек од 42 проценти.

Исто така министерката Јанкулоска истакна дека една од мерките на новата владина програма,  предвидува изготвување закон со кој ќе се уреди основање нова, независна институција која ќе функционира во системот на надворешна контрола на почитување на човековите слободи и права, професионалните стандарди и примената на посебните должности и овластувања од страна на вработените во МВР.

Од своја страна пак амбасадорот Орав истакна дека главна цел на овој проект е да се даде поддршка за поставување долгорочна стратегија за човековите права и слободи и нуди начела за дејствување на полициската служба во период од 10 години. “Полицијата во секое демократско општество мора да биде главниот актер кој ја поддржува заштитата на сите лица без никаква дискриминација“ изјави амбасадорто Орав.

Инаку, публикацијата „Концептот за човекови права за полицијата“, финансирана од ЕУ, се фокусира на развивање на капацитетите за јакнење на професионалноста за целосно почитување на основните човекови права на приведените и задржаните лица, преку ефикасна и доследна регулаторна и оперативна рамка.