Интегрална изјава на градоначалникот Бакрачески по однос на работата на плажите за оваа летна сезона

Во целост ја пренесуваме интегралната изјава на градоначалникот Бакрачески по однос на работата на плажите за оваа летна сезона. Во неа стои:

„Во текот на вчерашниот ден на иницијатива на локалната самоуправа и општинскиот инспекторат  во просториите на општинската зграда се одржа работна средба  на која што беа поканети сите концесионери на плажите на охридското крајбрежје. Беа присутни  и претставници на СВР- Охрид,Управата за јавни приходи, пазарниот инспекторат  и претставници од  Црвен Крст односно сите оние релевантни субјекти кои што имаат обврска да го регулираат  реализирањето  на дејноста на концесионерите кои ги зеле плажите под закуп. 

Целта на овој состанок беше да им се укаже на концесионерите на плажите на обврските кои што произлегуваат од договорот кој што го потпишуваат со Општина Охрид  околу начинот на уредување на плажите и делот на стопанисување на плажите се со цел  уште еднаш да се поттикнат концесионерите да ги испочитуваат сите членови од договорот и сите обврски кои произлегуваат од него во делот на уредување на плажите, запазување на површината која тие ја користат, во делот на соодветно поставување на урбаната опрема како и во делот на одржување на хигиената и безбедноста на плажата, обезбедување на спасители на вода , јавни тоалети, слободен интернет пристап и други обврски кои произлегуваат од договорот. Намерата е   оваа година да имаме одлично уредени плажи но и она што е најважно за нас, задоволни гости кои што ги користат тие плажи. Ги слушнавме и нивните размислувања , нивните потреби и нивните барања околу до прецизирање на обврските од договорот . Како локална самоуправа секогаш сме тука да излеземе во пресрет на нивните барања кои што произлегуваат од договорот кој што сме го потпишале за користење на плажите посебно во делот на одржување на хигиената околу плажите што е обврска на Охридски комуналец .

Сакам да  истакнам  уште еднаш дека во оваа летна сезона Општина Охрид ќе има нулта толеранција за прекршителите на договорот, односно прекршување на одредбите кои ги  обврзуваат концесионерите. Ќе има постојан инспекциски  надзор на плажите односно нема да биде поштеден ниту еден концесионер кој што нема да се придржува до договорот за користење на плажите. Согласно потпишувањето на договорот ние можеме истиот еднострано да го раскинеме и да ја деактивираме банкарската гаранција  со оној концесионер кој не ги почитува одредбите пропишани во него. 

Општинскиот инспекторат ќе биде ригорозен, односно ќе врши постојани контроли и во поглед на бучавоста како и почитување на одреденото работно време на плажите.“- истакна градоначалникот Бакрачески.