Министерот Адеми се сретна со австрискиот амбасадор Бајер

Министерот за образование и наука, м–р Абдилаќим Адеми денеска (понеделник, 7 јули, 2014) оствари работна средба со амбасадорот на Република Австрија во Република Македонија, неговата екселенција Томас Михаел Бајер и со координаторот за образование и култура при австриската амбасада, г-дин Матијас Форхер Маер.

На средбата се дискутираше за соработката меѓу двете држави во областа на образованието и науката, при што беше изразена взаемна подготвеност за нејзино продлабочување и зацврстување.

Презентирајќи ги тековните и планираните проекти во областа на образованието и науката, министерот Адеми посебно се осврна на високото образование и изрази потреба од поголемо интензивирање на соработката помеѓу државните универзитети во двете земји преку мобилност на професори и студенти.

Амбасадорот Бајер се осврна на неколку досега реализирани проекти врз основа на договорот за соработка во областа на образованието и културата помеѓу двете земји, меѓу кои и објавувањето на биографијата на генијалниот проектант на австриските железници, инженерот со албанско потекло Карл Гега, која беше промовирана на Државниот универзитет во Тетово.

Бајер на новоименуваниот министер за образование и наука му посака успех во работата, а воедно ја изрази и подготвеноста на Владата на Република Австрија за продолжување на соработката во областа на образованието и науката.