Предизвикот што го имавме минатата година со добивање на највисоката награда за туристички настан за 2013 година за нас беше поттик да направиме нешто што ќе биде уште подобро. Меѓу другото се концентриравме на две полиња. Едното беше средување на сите прашања кои беа врзани со финансиските обврски на установата, а другиот дел беше поврзан со реализација на уште подобра и поуспешна програма, изјави директорката на фестивалот „Охридско лето“ Елизабета Јанкуловска денеска по средбата со охридските пратеници Александар Николовски и Сашо Василевски при што се разговараше за условите и начинот на работа на оваа национална установа, како и за напорите што се прават за уште едно успешно фестивалско издание.
Таа ја нагласи поддршката од Министерството за култура, од Управниот одбор, од вработените, како и од охридските пратеници.
„Охридско лето претставува успешна приказна, а таа се вика квалитетна, уметничка, врвна и светска програма“, додаде директорката на фестивалот.