Кривична пријава за раководител на ЈП „Проаква“ – Струга

Поради постоење на основано сомнение за сторени казнени дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Несовесно работење во службата“ полициската станица од Струга против А.В. (48) од струшкото село Радолишта поднесе кривична пријава. 

Пријавениот, искористувајќи ја својата службена положба како раководител на јавното претпријатие „Проаква“, во своја корист а на штета на јавното претпријатие прибавил материјална имотна корист од 328.512,оо денари. Противправната постапка пријавениот ја направил во текот на 2012 и 2013 година, кога од фирма од Скопје подигнал ХТЗ опрема која воопшто не била донесена и прикажана во магацините на претпријатието. За набавената ХТЗ опрема не била изготвена испратница или друг соодветен документ потребен за книговодствено евидентирање во „Проаква“.

Пријавениот А.В. во својство на управител, дополнително го оштетил струшкото јавно претпријатие со кое раководел, за 523.500 денари. Тој во текот на 2012 и 2013 со казнено-поправниот дом затвор Струга склучил договор за привремено ангажирање на осум затвореници во „Проаква“ како работници за одржување паркови и зеленило. Од увидот во книговодствените евиденции на двата субјекти, констатирано е дека за секој ангажиран затвореник, КПД наплатил дневница од 500,оо денари. Според финансиските картици, јавното претпријатие створило обврски кон КПД од 219.000 денари за 2012 и 304.500 денари за 2013 година. Ангажираните затвореници, најчесто не се појавувале на работното место и не ги извршувале работните задачи.