И годинава на фестивалот ќе имаме музички уметници од светски ранг. Врвните оперски ѕвезди, сопранистката Барбара Фритоли и славниот изведувач на улогите од Вердиевите опери Лео Нучи ќе го отворат Фестивалот. Директорката на „Охридско лето“, Елизабета Јанкуловска, вчера во рамките на посетата во Дирекцијата на Фестивалот на охридските пратеници Александар Николовски и Сашо Василевски им ја презентираше програмата и атрактивните настани кои ќе бидат дел од Охридско лето 2014.
Публиката, како што рече Јанкуловска, ќе има можност да го види концертот на светски познатиот пијанист Максим Мрвица, кого уште го нарекуваат пијанистичкото чудо од Шибеник. Станува збор за уметник што молскавично ја освои меѓународната сцена. Ќе гостува сензационалниот состав „Вока пипл“, кој ќе понуди перформанс за паметење, преку музичка комедија што комбинира восхитувачки вокални звуци. Во рамките на Полската вечер во „Св. Софија“ ќе настапи светската атракција – групата „Моцарт“, а меѓу позначајните е и настапот на еден од најдобрите пијанисти на денешницата – Аркадиј Володос. По повод роденденот на фестивалот, нѐ очекува атрактивен настап на светската ѕвезда, виолинистот Немања Радуловиќ заедно со групата „Ѓаволски трилери“ – вели Јанкуловска за музичката програма.
Театарската програма, пак, според директорката на Фестивалот ќе понуди хумор и ведрина и ќе биде во знакот на високите уметнички вредности. Драмскиот театар од Скопје премиерно ќе ја изведе претставата „Ждрело“, во режија на Зоја Бузалковска, по текст на македонската драмска авторка Жанина Мирчевска, која живее и работи во Словенија.
„Оваа силна драма, која зборува за алчноста и лакомоста, ја користи гротеската како форма, што во спрега со постмодерниот јазик со сигурност ќе ни донесе театарска новина“ – најави селекторот Јолевски.
Од преостанатите продукции, директорката на фестивалот го посочува невообичаениот театарски проект на италијанскиот режисер Паоло Маџели со наслов „Његош и јас“, во продукција на Народно позориште од Подгорица. Маџели е режисерското име длабоко врежано во меморијата на македонската театарска публика со претставите „Тетовирани души“ и „Црна дупка“ од Горан Стефановски што ги режираше во крајот на 1980-тите години во Македонија. На „Охридско лето“ годинава првпат ќе гостува и театарот „У-Мостра“ од Русија.
„Фестивалот ќе се затвори со една од најексклузивните претстави создадени годинава – „Роденденот на господин Нушиќ“ на театарот „Звездара“ од Белград, по текст на Душан Ковачевиќ, а во режија на Небојша Брадиќ, додека во насловната улога ќе го видиме Бранислав Лечиќ “- рече Јанкуловска.