Охрид конечно доби автопазар

По долго време граѓаните на Охрид и околните места денес и официјално добија автопазар, на паркинг просторот кај Градските гробишта, така што не ќе има потреба да одат  во другите градови низ Македонија. Автопазарот ќе служи за изложување не само на патнички возила, туку и на тешки товарни возила, мотоцикли и автоделови.

„Денес присуствуваме на реализација на оваа заложба на граѓаните, на која што Локалната самоуправа наиде на разбирање заедно со јавните претпријатија во изминатиот период успеавме да го уредиме овој простор во површина од 5000 метри квадратни,во еден соодветен автопазар, каде што ќе можат граѓаните не само на Охрид, туку и на  околните градови пред се Струга, Ресен, Битола и Кичево да ги вложуваат своите производи, мислам на автомобили, мотоцикли, тешки товарни возила и автоделови дали за продавање или оние граѓани кои што се заинтересирани да купат возило, или автоделови значи ќе можат тоа да го реализираат токму овде на оваа локација, на овој автопазар и нема да има потреба да одат во другите градови низ Р. Македонија.“–  истакна градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески.

Бакрачески смета  со оваа заложба успеале да излезат во пресрет и на граѓаните на Охрид и на трговците кои сакаат да се занимаваат со овој бизнис.

Автопазарот ќе работи во недела во време од 07 до 12 часот. Во тоа време како што рече директорот на ЈП „Градски пазар“, Тони Коталески ќе има ангажирано двајца работници од ова претпријатие, кој ќе се грижат за пазарниот ред и хигиената на ова место, на посебен дел обележани тезги, всушност ќе се продаваат стари (половни) автоделови.

„Ние како Јавно претпријатие „Градски пазар“  не запираме тука , продолжуваме и понатаму да внесуваме новини. Очекуваме поддршка од граѓаните и се надеваме дека во иднина ќе допринесеме за задоволување на вкусовите на купувачите и граѓаните на Охрид.“- изјави Коталески.

Како што кажа Коталески, на самиот влез, возилото добива фискална сметка.

„Се издава фискална сметка на самиот влез. Возилото тоа го добива задолжително. Влезот за моторцикли е 50 денари, за автомобили или патнички возила е 100 денари, товарни возила до 10 тони е 200 денари, а товарни возила над 10 тони е 500 денари, значи дневен закуп на место, на продажно место. За дневен закуп на тезгите,  надоместок е 300 денари и има месечен закуп на тезга изнесува 1000 денари. За месечниот закуп на тезга, граѓаните е потребно да се обратат во просториите на ЈП „Градски пазар“ и да поднесат барање за договор.“– додаде Коталески.

За проектот се издвоени околу 150.000 денари (2 и пол илјади евра).

WebOhrid