Македонските театарски институции со повеќе гостувања на меѓународните театарски сцени

Министерството за култура во рамките на Годишната програма поддржа низа проекти за реализација на бројни  гостувања на нашите театарски институции во европските и светските центри, како и нивно гостување на меѓународни театарски фестивали и манифестации. Сето ова претставува значаен придонес во  континуираната презентација на македонската драмска уметност и богатото драмско творештво.

Како позначајна активност од оваа дејност која со поддршка на Министерството за култура ќе се реализира во втората половина од годинава е гостувањето на Дргамскиот театар во Виена во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура во Австрија“, а по повод одбележување на 20 годишнината од воспоставувањето дипломатските односи со Република Австрија.  Во престижниот театар „Акцент“ во Виена, ансамблот на Драмскиот театар, ќе ја изведе претставата „Последните македонци“ во режија на Сашо Миленковски. Македонскиот народен театар пак ќе гостува во „Хрватското народно казалиште“ во  Загреб, каде ќе изведе три претстави од нивната најнова театарска продукција, додека Народниот театар од Битола во октомври ќе гостува во Националниот театар во Пекинг  со претставата „Хенри VI- трет дел“.

Еден од приоритетите  на Министерството за култура секако е и  претставувањето на македонската уметност и култура во земјите во кои живеат голем број македонски иселеници. Во таа насока е и гостувањето на театарот „Комедија“ во  театарот „Meadowvale во канадскиот град Мисисога,  со претставата „Стујардеси“ во режија на Синиша Ефтимов. Ценатрот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп  пак ќе гостува во Австралија во градовите Сиднеј, Мелбурн, Канбера, Бризбен, Њукасл, Вологонг и Аделенд,  За време на турнејата театарот ќе гостува со претставите „Крпен живот“, и „На два стола“, а ќе  биде изведена и претставата  „Волшебникот од Оз“, што претставува прво гостување на македонски  театар со детска претстава во Австралија.

Воедно, со поддршка на Министерството за култура, годинава ансамблот на Турскиот театар со претставата „Госпоѓица Јулија“ учествуваше на „Балканскиот театрски фестивал“ и на  фестивалот „Нулифер“ во Бурса, Турција. Гостување во турскиот град Бурса во првата половина од годинава реализираше и Албанскиот театар со претставата „Генерал на мртвата војска“.