Студентите на ФИНКИ добија лабораторија за клауд компјутинг

На Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство денеска беше промовирана лабораторија за клауд компјутинг. На промоцијата присуствуваа претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, како и заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

„Со новата опрема студентите ќе може да ги развиваат своите знаења за создавање клауд компјутинг и да ги извршуваат сите процеси поврзани со тоа“, рече Груевски.

Опремата ќе им помогне на студентите и при создавање магистерски  и докторски трудови, истакна Груевски.  Во иднина предвидена е соработка со индустријата во проверки на разни експериментални работи поврзани со клауд компјутинг. Исто така опремата ќе може да се користи и за други услуги од кои факултетот ќе има приходи, со кои ќе ја одржува опремата и ќе може да набавува дополнителна.

Оваа лабораторија е дел од проектот за набавка на лаборатории на високообразовните институции. За опремата на лабораторијата за клауд компјутинг, Владата издвои 9,3 милиони денари.