Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во Цавтат, Република Хрватска, учествуваше на „Самит 100 – Договор за новото време” заедно со бизнис лидерите и најистакнати претприемачи и стопанственици од Југоисточна Европа.
Политичките лидери треба да овозможат што помалку бариери за да може да има проток на капиталот. За жал нашиот регион има многу физички, ментални и административни бариери. Нам ни е потребна нова инфрастуктура, и поврзување на сите автопатишта. Јадранско-јонската магистрала да се поврзе со Коридорите 8 и 10, да се поврзат железничките пруги, а неопходно е и енергетско, информациско и безбедносно поврзување. Ова се пораките кои ги упати претседателот Иванов на учесниците на бизнис собирот „Самит 100 – Договор за новото време”.
Во контекст на тоа, претседателот Иванов, додаде дека таквото поврзување ќе му овозможи на нашиот регион да има отворен простор кој, како што рече, создава луѓе со отворен ум кои имаат потреба од натпревар и го создаваат пазарот.
Во своето обраќање македонскиот претседател истакна дека младите генерации многу подобро се снаоѓаат во овој нов свет, кој многу брзо се менува. – Секој ден тие создаваат фејсбук, твитер групи во кои не почитуваат физички, политички и ментални бариери, а тоа им овозможува сите да знаат англиски и да комуницираат меѓу себе и да остваруваат профит, додаде тој.
Според претседателот Иванов, потребно е да се овозможи регионот да биде отворен простор, бидејќи иднината не обединува. „Треба да имаме заеднички стандарди, критериуми и принципи, а тоа се европските стандарди, критериуми и принципи”, истакна претседателот Иванов во своето обраќање.
Регионот, како што посочи шефот на македонската држава, мора што повеќе да соработува затоа што имаме заеднички ресурси кои можеме да ги разменуваме.
„Нашите пазари се мали, а големите странски инвеститори не доаѓаат за 2, 4 или 6 милиони луѓе. Доаѓаат за 20 милиони. Со добра инфраструктура секој капитал брзо ќе оди на место каде што може да се оплоди” рече пред присутните македонскиот претседател.
Претседателот Иванов, апелираше до колегите од регионот, на утрешниот состанок со германската канцеларка Ангела Меркел, заеднички да и укажат дека таа треба да се заложи за големите проекти, со кои ќе се отвори регионот за да имаме заедничка иднина, да патуваме без бариери, да разменуваме идеи, мислења и добра.
Во рамки на бизнис самитот се одржаа седум тркалезни маси на кои свои обраќања имаа претставниците на најголемите компании од регионот во различни области, како што се енергетиката, туризмот, транспортот и логистиката, храната и пијалаците. На тркалезната маса посветена на здравството и фармацевската индустрија говореа Живко Мукаетов од „Алкалоид” и Иво Усмаини од „Јаран – Галенската лабораторија”.
„Самитот 100″ на бизнис лидерите од регионот досега беше одржан во Србија и Црна Гора, а покровител на третиот Самит во Цавтат е хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ. На форумот во Цавтат присуствуваа претседателите на земјите од Југоисточна Европа, кои утре во Дубровник ќе учествуваат и на состанокот „Брдо-Бриони процесот”.
Во пресрет на состанокот на лидерите на земјите од Југоисточна Европа, хрватскиот претседател Јосиповиќ изјави дека главна порака од Дубровник ќе биде оти „ЕУ целиот регион го смета како дел од Европа и дека иднината на земјите од регионот е во Унијата”.