Министерот за здравство Никола Тодоров во рамки на работната посета на Германија, денеска потпиша Меморандум за соработка со реномираната Универзитетска клиника во Франкфурт, која се наоѓа во рамки на „Гете Универзитетот“.
Потпишаниот меморандум за соработка меѓу Министерството за здравство на Република Македонија и Гете Универзитетската клиника во Франкфурт, опфаќа соработка во голем број медицински области, како што се: интерна медицина, торакална и васкуларна хирургија, кардиологија и кардиохирургија, педијатрија, гинекологија, анестезиологија, неврологија и неврохирургија, ортопедија, офталмологија, дерматологија, радиологија и други.
Воедно, во рамки на соработката со Гете Универзитетската клиника, соопшти Министерството за здравство, во септември ќе почне едукацијата на првата група доктори и медицински сестри во овој врвен медицински центар, кои ќе се доедуцираат во областа на торакална хирургија, кардиоваскуларна хирургија, како и радиологија и онкологија. Исто така, планирано е и отворање можности за специјализации во истите области.
Со потпишаниот Меморандум и отворените можности за едукација, како што се наведува, се овозможува македонски здравствени работници да имаат пристап до врвна медицинска едукација и обука, вклучувајќи и интервенции и процедури кои не се вршат во Македонија.
Гете Универзитетската клиника во Франкфурт опфаќа 32 специјализирани медицински центри, во рамки на кои се третираат преку 50.000 болнички пациенти и 220.000 амбулантски пациенти на годишно ниво, и претставува една од водечките здравствени установи во Германија, особено во областа на интердисциплинарна невроваскуларна хирургија, онкологија, како и во кардиоваскуларната област, стои во соопштението од Министерството за здравство.